Стопирана арбитражата со „Хеленик петролеум“, можност за вонсудски договор

399

Арбитражната постапка за тужбата кон земјава од грчки Хеленик петролеум, како што информира денеска вицепремиерот Кочо Анѓушев, времено е стопирана со надеж и можност да се постигне договор. Решението во однос на барањето да се стави во функција на нафтоводот ќе се бара во рамки на Енергетската заедница.

Според Анѓушев, државата се обидува максимално да се намали штетета  што би можела да ја претпри  од тужбата со која „Хеленик петролеум“ побарува 32 милиони долари по основ на пенали за непочитување на купопродажниот Договор со ОКТА.

– Наша позиција во рамки на сегашните добрососедски односи со Грција е да се обидеме да го искористиме тој формат и да ја намалиме колку што може штетата што би можела нашата држава да ја претрпи, односно максимално да ги намалиме средствата што по основ на тој договор како пенал треба да ги уплати – рече Анѓушев, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во Владата.

Во договорот, потсети вицепремиерот, има повеќе клаузули, за соработката за градење на нафтовод, а една од клучните е тоа што државата зела обврска да троши 500 илјади тони мазут годишно и доколку тоа не го прави да плати пенали од 29 долари по тон.  По основ на тој спор нашата држава веќе има изгубено една пресуда за периодот од 2007 година, во 2013 година ОКТА еднострано самоволно престанала да работи и да произведува, но за периодот од 2007 до 2013 година има нова тужба. Добро е граѓаните и општеството да знаат дека државата е исправена пред тужба од 32 милиони долари како пенал што го побарува Хеленик петролеум по основ на тој договор, рече Анѓушев.

Тој истакна дека се разгледуваат сите можности и за барањето на грчката страна за ставање во функција на нафтоводот изграден согласно со Договорот, а за што со арбитражната пресуда од 2007 година е пресудено дека 20 проценти се во сопственост на државата, а останатите 80 на „Хеленик петролеум“.

Тоа, посочи Анѓушев, би се направило во рамки на третиот пакет европски директиви за енергетика, според кои за секој инфраструктурен енергетски објект треба да има конкурентност.

– Не можеме да кажеме дека нафтоводот не постои, не можеме да се однесуваме како ноеви со глава во песок и да викаме дека не пости, туку напротив треба да ги решаваме проблемите такви какви што се.

– Ако тоа може да придонесе нафтените деривати во нашата држава да стигнат поевтино и притоа се намали цената на нафтените деривати за граѓаните, да го направиме тоа, но во рамки на третиот пакет европски дерективи за енергетика каде за кој било инфраструктурен проект од енергетиката треба да важи конкурентност. Тоа значи дека секој треба да има пристап на тој инфраструктурен објект. Регулаторната комисија за енергетика ќе ја утврдува цената за користење на инфраструктурниот објект – рече Анѓушев.

Побарано е, дополни тој, спорот да се решава во рамки на Енергетската заедница во Виена, каде има оддел за медијација што ќе гарантира дека процесот ќе биде решен и праведно и во согласност со европската регулатива.

– Моментно не е постигнат договор, но се обидуваме да најдеме решение, разговараме за тоа, но не можам да кажам дека имаме одреден позитивен или негативен заклучок. Кога ќе се постигне решение или договор ќе се објави. Имаме два избора: или спорот ќе го решиме вонсудски со постигнување некаков договор или нормално ќе си продолжи арбитражната постапака зо која „Хеленик Петролеум“ има право. Пред арбитражата моментно има стопирање на постапката со надеж и можност да се постигне договор. Ако се постигне договор ќе се постигне, ако не се постигне тие си имаат право на постапката и таа ќе продолжи, рече Анѓушев.

Постапката, како што рече, е стопирана до крајот на април или почетокот на мај.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...