Кој слушнал – слушнал, кој не слушнал – не слушнал, кој дошол – дошол, кој не дошол, ќе дојде другпат, ама се секирам за нешто друго, да не нема веќе кој да дојде?!
Оти, кога ќе ми текне покрај колку билборди поминувам додека одам накај работа, на кои со месеци претходно се најавуваат концерти на Цеца, на Аца Лукас, Марија Шерифовиќ и слични, ме фаќа паника.
Се надевам дека токму тоа, односно, отсуството на билборди низ цел град и реклами на сите телевизиски и радио станици, е причина што синоќешната супер соул журка во Клуб 26 во Скопје, во организација на „3 Гонга“, помина речиси незабележано.
Далеку од тоа дека ми смета отсуството на турканици и голем број луѓе кои те гмечат и онапред и одназад а немаш место ниту да се размафташ ако те понесе музиката, но ми пречи што на еден ваков квалитетен музички настан дојдоа да уживаат само мал број луѓе.
Каде се другите? Дали веќе навистина останаа толку малку?
Се сеќавам на еден текст за тоа како пред неколку години новинарите на една хрватска телевизија ги прашувале луѓето по белградските улици што мислат за турбофолкот. Го прашале и Александар Тијаниќ, сега веќе починат, а во тоа време директор на РТВ на Србија, кој го кажал ова:
„Ние Србите лансиравме во Хрватска бомба која ќе експлодира кога-тогаш и не можете да се спасите. Таа ја уништи Србија. Тоа е турбофолк музиката. Таа е српскиот најзначаен производ и вие во Хрватска мора да направите сѐ за да го задушите сето тоа“.
Хрватите не успеаја, па и сега и таму им цвета бизнисот на голем број вакви естрадни „уметници“, ама очигледно бомбата кај нас најсилно оддекнува.
Како да се бориме? Некогаш одамна во бивша Југославија постоела „комисија за шунд“. Тоа бил збир од луѓе кои требало да го преслушаат секое ново музичко издание и да оценат дали има сомнителна музичка вредност.
Додуша, таа комисија и не била многу референтна со оглед на тоа што за „неуметнички“ прогласувала и многу генијални дела. Проблемот е што дури и кога би имале еден вистински и издржан збир од луѓе кои би одлучувале на оваа тема, денеска тоа не би имало никаков ефект затоа што сега, и онака, најголемата заработувачка не е од плочи и касети, туку од концерти.
А синоќа во Клуб 26, немаше турбофолк и не квичеа од сцената некојси Цеци, Јелени, Лукасовци и слични, туку беше трибјут-концерт во чест на кралицата на соул-музиката Арета Френклин. Ечеше раскошниот глас на супер згодната американска вокалистка Камил Слеџ која испеа дел од музичките класици од Френклин, песни како што се „Chain of Fools“, „You Make Me Feel Like A Natural Woman“ и многу други. Ја придружуваа енергичниот поранешен тапанар на Принс, David „Fingers“ Haynes, Ken Linh Doky на пијано и Romulo Duarte на бас.
Вакви бомби би сакала да не погодуваат почесто, а турбофолкот, ако нема друго чаре, можеби треба и да се забрани, или барем да им се забранат мегаломански јавни собири/концерти и да се направи сѐ за да не се инфилтрира и помеѓу новите генерации.