Камо гарда за Ципрас, камо химни?

Што па толку е зафатена нашата гарда да не може да почека 15 минути? Да не е нападнат претседателот Иванов? Да не сме објавиле војна некому денеска?

6088

Посетата на Алексис Ципрас е прва официајлна посета на еден грчки премиер на нашата земја од билатерален карактер. Самиот тој факт е доволен средбата Заев – Ципрас во Скопје да се означи како историска.

Додека го пишувам овој коментар, не ми се познати клучните пораки од средбата, но не се сомневам дека и тие ќе бидат од историско значење. Луѓето во двете земји долго го очекуваа овој историски чин и официјалната промоција на нашиот јужен сосед во наш водечки партнер на евроинтеграциите. Како што долги години Грција беше еден од нашите водечки инвестициски и трговски партнери.

Токму затоа, изненаден сум од неочекуваното спуштање на нивото на средбата од протоколарен аспект. Имено, неофицијално беше најавено дека драгиот гостин од Атина ќе биде пречекан со сите државни почести, со построена гарда и со интонирање на химните на двете држави.

Наместо тоа, Ципрас пред Владата беше пречекан од мала група костумосани домаќини и на црвен тепих. И толку. Прескромно за еден настан од вакво значење.

Уште е почудно објаснувањето што го добија новинарите кои прашаа каде се гардата и оркестарот. Според портпаролот Миле Бошњаковски, за отсуството на гардата било виновно петнаесетминутното доцнење на авионот на Ципрас.

Молам?! Што па толку е зафатена нашата гарда да не може да почека 15 минути? Да не е нападнат претседателот Иванов? Да не сме објавиле војна некому денеска?

Мислам дека е коректно медиумите да добијат пристојно, а тоа ќе рече искрено објаснување зошто е намалено протоколарното значење на средбата. Ако имало разумни причини и ако Заев и Ципрас така се договориле, некако ќе ги разбереме.

Ама ако станува збор за нов пропуст на владиниит протокол, веднаш да се викне камшикарот што го спомна еднаш Заев, па го заборави. Да дојде, па десет да удри, а едно да брои.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...