Сиромашна држава со неискористени ресурси

Усогласувањето на желбите со ресурсите може да се направи по неколку линии. Можат да се намалат желбите, што е не баш ефикасно. Можат да се зголемат ресурсите, со примена на нови технологии, преку економски раст. Или, може да се подобри начинот на кој се користат ресурсите што стојат на располагање во моментот. Ова е најлесниот начин. Можеме да земеме неколку примери.

533

Ресурсите се ограничени, а човечките желби се бесконечни. Затоа, мора да се носат одлуки коишто некако ќе ги стават во сооднос ресурсите и желбите. Ова е првата лекција во економската теорија.

Усогласувањето на желбите со ресурсите може да се направи по неколку линии. Можат да се намалат желбите, што е не баш ефикасно. Можат да се зголемат ресурсите, со примена на нови технологии, преку економски раст. Или, може да се подобри начинот на кој се користат ресурсите што стојат на располагање во моментот. Ова е најлесниот начин. Можеме да земеме неколку примери.

Нашава земја може да ја подобри искористеноста на сончевата енергија за дополнително задоволување на енергетските потреби. Гледаме раздвиженост во таа насока, се дизајнираат законски решенија, државни проекти, инвестиции од страна на приватниот сектор. Можеме да очекуваме дека интензивирањето на овие активности во не толку далечна иднина ќе даде резултат, ќе имаме подобра искористеност на овој енергетски ресурс што во нашето погодно поднебје го имаме на располагање. Ова е позитивен пример.

Друг пример е можноста за користење на стручна експертиза. Во земјава има бројни експерти од академската заедница кои можат да дадат сериозен придонес во дизајнирањето на поодделни секторски политики. Луѓе со сериозни биографии и академски истражувања. Но, впечаток е дека иако просторот за подобра искористеност на овој ресурс е голема, тој не се користи доволно. Која е причината? Нема список на релевантни експерти? Експертите не се заинтересирани? Не се контактирани? Не сакаат да соработуваат? Причините се од финансиска природа? Неекономски причини се пречка?

Трет пример е можноста за користење на релевантни информации и оценки со висока употребна вредност. Кој во земјата има најдобар увид во тековната состојба и проблемите на бизнис заедницата „на терен“? Стопанските комори. Нивниот поглед е широк и сеопфатен, не е секторски ограничен и не е „скроен“ за потребите на поодделен економски субјект. И не само што имаат увид во работите туку стопанските комори имаат и конкретни предлози како можат да се надминат одредени предизвици во начинот на функционирање на економијата.

Се разбира, за да можат да го остварат ова стопанските комори се во континуиран процес на градење на сопствениот институционален капацитет и тоа е процес што бара време. Но, можноста за консултации не треба да се пропушта. Зошто овој ресурс никогаш не е доволно искористен од страна на дизајнерите на економските политики? Тој не бара финансиски средства, потребна е само желба и добра волја да се води инклузивен процес за општо добро.

Примери има многу. За жал, немаме историја на ефикасно користење на расположливите ресурси. Притоа, колку е државата посиромашна со ресурси, толку е повисока нивната вредност. И, доколку скудните ресурси се трошат или се трошеле на неефикасен начин или за непродуктивни цели, тогаш и загубата е поголема. Затоа, за малите и сиромашни земји воопшто не се поставува прашањето дали можат да си дозволат, од која и да било причина, да не ги користат расположливите ресурси колку што може повеќе. Тие тој луксуз го немаат.

М-р Зоран Јовановски
Главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за економски прашања

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...