Берлин е против размена на територии меѓу Косово и Србија

52
Photo: EPA / RONALD WITTEK

Косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, ги прими денеска во својот кабинет пратениците на владејачката Демохристијанска унија (ЦДУ) во германскиот Парламент Петер Бауер и Кристијан Шмит, од кои побарал поддршка од Берлин за визната либерализација за Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај по средбата изјави дека на гостите им ја пренел благодарноста за канцеларката Ангела Меркел и германската држава за сето што го прават за Косово и регионот.

– Разговаравме за билатералната соработка Косово-Германија, која бележи прогрес, но во која може да се направи уште многу. Изразив благодарност за Берлинскиот процес, кој му помага на регионот. Изразив благодарност за Меркел и за официјален Берлин за таа иницијатива која се покажа мошне вредна за регионот, изјави Харадинај, додавајќи дека пратениците ја потврдиле поддршката на Бундестагот за Косово.

Пратеникот Бауер нагласи дека германскиот законодавен дом е против размена на територии меѓу Косово и Србија.

– Разговаравме и за дијалогот, кој ќе го поддржиме и кој се надеваме дека наскоро ќе продолжи. Исто така разговаравме и за прашањето за размена на територии, на што ние се спротивставуваме од секој аспект, рече Бауер.

Неговиот колега Шмит нагласи дека идејата за размена на територии би создала нови проблеми, не само за Косово, туку и за регионот.

– Германија има јасен став, ние сме против таа идеја. Не можете да ги решите проблемите кои ги имате со создавање нови проблеми. И тој што навистина мисли дека ќе го реши проблемот со оваа идеја треба да биде многу свесен дека создава нови проблеми не само за Косово, туку и за регионот во целост, изјави Шмит.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...