Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони денеска објави дека ќе се кандидира на изборите за Европскиот парламент во мај, а како причнина ја наведе желбата да се бори за Европска унија, обединета и посветена на визијата на нејзините основоположници.
Берлускони тоа го кажа во говорот, кој овој викенд го одржа на состанокот на неговата централно-десничарска партија „Форца Италија”, чија популарност во последните неколку години опадна, а нејзините приврзаници се свртеа кон десно ориентирани партии, кои упатуваат антимигрантски и евроскептични пораки, првенствено кон Лига на вицепремиерот Матео Салвини.
Партијата Лига е во власт заедно со популистичкото Движење пет ѕвезди, на вториот потпретседател на Владата на Италија Луиџи ди Мајо, и настојува да обезбеди поголема автономија на Италија од Брисел и помала европска интеграција.
Од друга страна, Берлускони рече дека сака „Европа, која ќе се врати на проектот на основоположниците, кои сакале Европа која е многу пообединета, со единствена надворешна политика и одбранбена политика”.
ФОТО: EPA/ETTORE FERRARI