Синоокиот затвореник Џереми Микс, кој отслужи казна за поседување оружје и стана познат како најсекси робијаш во светот, со својата девојка, богаташката Клои Грин, го очекуваат нивното прво дете.
Џереми и Клои се заедно нешто помалку од една година. Триесет и четиригодишниот Микс по отслужување на затворската казна стана модел и често можеше да се забележи на големи модни случувања. Тој, исто така, ја освои и 27-годишната Грин, ќерка на британскиот милијардер и сопственик на марката „Топшоп“, за која често се пишува дека е разгалена.
Наследничката на царството „Топшоп“ не штеди кога е во прашање нејзиното момче, а многубројни луксузни забави и одмори станале дел од нивното секојдневие, поради што почна да се зборува дека Џереми планирал да ја освои богаташката поради раскошниот начин на живот, каков што немал претходно.
Извори блиски до двојката потврдиле дека Клои и нејзиното атрактивно момче го очекуваат првото дете, но нема информација во кој месец од бременоста е богатата девојка.
Клои често истакнуваше дека сака што поскоро да основа семејство, а наводно врската со поранешниот затвореник ја благословиле и нејзините родители, кои на почетокот сметале дека Џереми само ја искористува нивната ќерка.
– Дизајнерот Филип Плејн во една пригода организира вечера во ресторанот „Меј Беј“ во Монако, во моја чест, а таму беше и Клои. Не знам кој ја ставил на листата на гости таа вечер, но мило ми е што беше таму, затоа што подоцна се заљубив во неа. Никогаш не сум бил посреќен, и да нема пари в џеб, повторно би се заљубил во неа – при една пригода има изјавено Џереми, кој со Грин ќе го добие своето трето дете.
Клои Грин порано беше во врска со Марк Ентони, поранешниот сопруг на Џенифер Лопез.
Нова љубов, разделба
Врската на Џереми и Клои започна уште додека тој беше во брак со медицинската сестра Мелиса. Медицинската сестра беше покрај него во текот на неговите затворски денови, но поддршката очигледно не ѝ се исплатила. Џереми најпрво беше уловен како на луксузна јахта страсно се бакнува со ќерката на британскиот милијардер.
За тоа време Мелиса, со која Џереми беше во брак осум години, јавно тагуваше. Таа тогаш сподели емотивен пост на Инстаграм. Мајката на три деца сподели фотографија од починатиот легендарен рапер Тупак, која гласеше: „Никогаш не се извинувај за тоа колку љубов мора да дадеш. Само жал ми е за оние што тоа не го сакаа.“
Мелиса побара развод со пораката дека тоа што ѝ го направил сопругот е непростливо.
Реакции на јавноста
Јавноста веднаш се огласи за веста дека Џереми повторно ќе стане татко. Едни негодуваат дека без разлика колку и да е атрактивен, Микс си ја шутнал жена си и децата за друга жена, го нарекуваат со погрдни зборови и го критикуваат. Други, пак, му се восхитуваат како од обичен затвореник, во животот успеал да се поврзе со некој што спие на пари. „Крал, освојувач на џекпот…“, импресионирани се корисници на социјалните мрежи.