МНР полесно го реши спорот околу името, отколку споровите со вработените

663

Поради назавршен спор со инвеститорот, од 2004 година до сега не е реконструирана амбасадата на Македонија во Вашингтон, а тужба на поранешна вработена во конзулатот во Венеција го запре впишувањето во италијанскиот катастар на зградата и земјиштето на макеоднската амбасада во Рим.

Истата тужба била причина и за незаконско финансиско работење на амбасадата во Рим и на Генералниот конзулат во Венеција, бидејќи парите од државниот буџет за нивно работење се уплаќале на приватна сметка на шефот на конзулатот во Венеција и на сметката на амбасадата во Ватикан наместо во Рим.

Ова, покрај низата забелешки на работењето на Министерството за надворешни работи, го утврди државниот ревизор во извештајот од ревизијата на финансиското работење во 2017 година.

Извештајот на ревизорот опфаќа период во кој на чело на МНР биле министрите Никола Поповски од владата на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Димитров од владата на СДСМ.

Од извештајот се гледа дека судскиот спор што сѐ уште се води во судовите покренат од поранешната вработена во конзулатот во Венеција сега државата може да ја чини 246.316 евра со пресметаните камати, иако според првата судска одлука донесена од италијански суд износот бил 98.533 евра. Како главна причина за одовлекувањето на овој спор, ревизорот, но и МНР, во образложението наведуваат дека се во прашање правни процедури.

Ревизорот појаснува дека во Италија признавањето и извршувањето на судските одлуки се однесува единствено за членки на ЕУ, а во спротивно само со потпишување на билатерален договор за извршување на судските одлуки. Ваков договор Македонија нема потпишано со Италија, па тужителката во Основниот суд во Скопје поднела барање за признавање на странска судска пресуда што било одбиено од судот и потврдено како неосновано на Апелација. Сега се чека мислење од Министерството за правда и од Државниот правобранител.

Препорака на ревизорот е спорот побрзо да заврши бидејќи ќе има финансиски последици врз буџетот на земјава, и можно е да се изгуби имотот на амбасадата во Рим кој може да биде предмет на извршување поради спорот. Овој имот земјава го доби со распределбата на имотот на СФРЈ.

И МНР очекува спорот побрзо да се реши со активирање и на другите државни институции.

Против МНР, според податоците содржани во Извештајот на Државниот ревизор, покај овој спор се водат уште три работни спорови за кои не е утврден износот. МНР води уште девет судски спорови со вработени во кои побарува 9.259.000 денари.

Ревизорот забележува, исто така, дека долго се води спорот за реконструкција на зградата на амбасадата во Вашингтон поради што дел од парите (81.753 долари) од наменската сметка отворена за реконструкцијата не можат да се повлечат од страна на Министерството за надворешни работи. Во 2009 година овие пари МНР сметководствено ги префрлило од вредност на инвсетиција во вредност на објектот за кој се врши амортизација, што според ревизорот е незаконско.

Вкупната вредност на реконструкцијата било предвидено да изнесува 2.436.100 долари колку што првично биле префрлени на посебната сметка.

МНР, според ревизорскиот извештај, нема податоци и за имотот на другите дипломатско-конзуларни претставништва, а нема податок ни за тоа колку чини земјиштето под новата зграда покрај Вардар.

МНР не може да наплати 2.309.000 денари кои, според пописот кој го ревидирал ревизорот, требало да се отпишат. Тоа е долг направен од дипломатските претставништва во кои се земале и не се враќале аванси за службени патувања во земјата и во странство, аванси за набавка на гориво за службените возила, набавка на материјали со мала вредност.

Димпломатско-конзуларните претставништва не се раздолжиле ниту за вредноста на виза стикерите и патни листови за репрезентација. Со виза стикери од 2012 година не се раздолжиле претставништвата во Минхен, Берлин, Софија и во Киев. Разлика, пак, во патните листови е утврдена во претставништвата во Виена, Минхен, Атина, Њујорк, Берлин, Берн, Будимпешта, Љубљана, Њу Делхи, Подгорица, Приштина, Варшава, Вашингтон и Токио.

Ревизорот утврдил неправилности и во трошењето на парите за друга намена од планираната во одделни претставништва. Вкупниот износ на пари кои се потрошиле на ваков начин изнесува 21.796.000 денари, а дури 13.045.000 денари кои не биле потрошени во ДКП-ата не се вратени во државниот буџет. Не се уплатени и 3.790.000 денари остварени приходи по основ на такси во конзуларните претставништва.

Ревизорот утврдил и неправилности во начинот на вреднувањето на ангажираните советници, како и во однос на правниот стсатус на ангажираните работници во ДКП-ата. Ревизорот ја потврдува и потребата од назначување на шефови на ДКП, но и регулирање на правниот статус на работниците според законите на државите во кои се наоѓаат.

Во одговорот на забелешките на ревизорот, МНР посочува дека на најголем дел од забелешките веќе е реагирано. Почната е постапка за назначување шефови во претставништвата, а на вработените во ДКП-ата им се плаќаат придонесите. Во однос на одделни прашања поврзани со судските спорови МНР очекува ангажирање и на другите институции.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...