Собраието на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ вчера ги избра новите членови на органите на управување. Нов претседател на Управниот одбор е Анета Пешева, а заменик претседател Илија Господинов.
– Ова е голема чест за мене и се надевам дека позитивно ќе одговорам на довербата која ми е дадена. За време на мојот мандат првенствено ќе се борам ИКТ индустријата да стане водечка индустрија во државава по примерот на некои европски земји, бидејќи таа тоа и го заслужува. Од успехот на ИКТ индустријата и третманот на државата кон неа ќе зависи дали земјата ќе се придвижи во позитивен правец и ќе успее да ги задржи најбараните млади образовани кадри. Во спротивно и се заканува егзодус на инженерскиот потенцијал – изјави Пешева по изборот.
На редовното собрание на МАСИТ беа избрани и нови членови на Управниот и на Надзорниот одбор, како и на Судот на честа.
Покрај Пешева и Господинов, членови на Управен одбор на МАСИТ се и Драган Чепујноски, Благој Христов, Теди Цоневски, Зоран Лазаревски, Александар Убавков, Владимир Робевски, Ненад Чубриновски.
Претседател на Собранието на МАИТ е Горан Попоски
Членови на Надзорен одбор на МАСИТ се Горан Митев, Фросина Зафировска, Дејан Гавазов, а на Судот на честа Викторија Дранговска, Тошо Трајанов и Димитар Јаневски.
Новоизбраните ограни на управување на МАСИТ ќе ги извршуваат своите функции до март 2022 година.