Триесет компании од Штип и Битола денеска на заедничка средба дебатираа за можностите за соработка и придонесот во развојот на економијата. Организатори на средбата беа регионалните комори со седиште во Штип и во Битола при Стопанската комора на Македонија.
На средбата која се одржа во Штип,присуствуваа претседателите на управните одбори на двете регионални комори Наум Барзов од Штип и Мирко Велковски од Битола, како и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.
Наум Барзов, претседателот на Регионалната комора со седиште во Штип ја потенцираше можноста за воспоставување поинтензивна деловна соработка по одржувањето на вакви средби кои се во интерес на компаниите, со цел да се разгледаат сите прашања кои се битни за развој на соодветните региони и заеднички да се делува во насока на подобро деловно опкружување.
Поддршката од локалната самоуправа, според него, е значајна во целиот процес и токму со неа може да се очекува развој на локалната економија.
Азески, ја потенцира важноста на двата најголеми и економски најразвиени региона во земјава. Источниот плански регион со седиште во Штип, претставува 14 отсто од територијата на земјата има 4 пати помал пораст на населението во споредба со наталитетот на Македонија, што директно се одразува врз стопанството. Во Источниот плански регион 14 отсто отпаѓа на земјоделската индустрија, додека носител е текстилната индустрија со 70 отсто застапеност. Во овој регион во интензивен развој се малите и средни претпријатија коишто доминираат со 72 отсто од целокупното стопанство. Карактеристика на Пелагонискиот плански регион е фактот дека малите и средни претпријатија се застапени дури со 90 отсто, односно од вкупно 5.000 правни субјекти, 20 се само големи компании. 100 до 150 се средни, а останатите се мали и микро компании. Двата економски центри на источна и западна Македонија, учествуваат со вкупно 24 отсто во вкупниот БДП на Република Македонија.
– Мораме со трпение и постепено да ги менуваме начините на работа со цел успешно приспособување на моменталната ситуација во Република Македонија, но и во регионот. Наместо со заеднички сили да се користат потенцијалите на земјите од регионот и да се создаваат подобри услови за соработка, ние се оддалечуваме. Статистичките податоци укажуваат на пад меѓусебната соработка на сите земји од Западен Балкан. Од тие причини, потребно е македонските компании да ја интензивираат меѓусебната соработка и со заеднички сили да се пробиваат на странските пазари- истакна Азески.
Претседателот на Регионалната комора со седиште во Битола, Мирко Велковски, рече дека бизнисот од овие два региона ќе се раздвижи со самото меѓусебно запознавање на деловните луѓе од двата региона и дека се надева на соработка помеѓу регионалните комори со седиште во Штип и во Битола.
Барзов истакна дека Штип е град со најмал број на невработени, трговски град кој ја развива индустријата, но се грижи за зачувување на околината (еколошка индустрија).
Исто така, тој истакна дека е добра економската клима и општествената одговорност е на повисоко ниво.
Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, додаде дека е потребно почесто да се одржуваат средби од ваков вид, со цел зголемување и интензивирање на соработката, како и воспоставување директни контакти и средби меѓу бизнисмените, со значајна поддршка на локалната самоуправа.
Присутните претставници на компании од двата региона ги презентираа своите дејности и потенцијали за идна соработка. На деловните средби застапени беа компании од областа на кожарската, текстилната и прехранбената индустрија, градежништвото, металургијата, земјоделието и трговијата. Бизнисмените разменија искуства и мислења за мерки кои се потребни да се преземат за подобрување на климата за инвестирања, а го посочија и проблемот со недостатокот на квалификувана работна сила според потребите на стопанството. Исто така, деловната средба беше искористена како директна можност за воспоставување меѓусебна соработка.