Повеќе од 60 патни правци во должина од 800 километри ќе бидат изградени, реконструирани и обновени за што се обезбедени вкупно 270 милиони евра, најави денеска премиерот Зоран Заев, презентирајќи ја стратегијата и плановите на Владата за изградба на патната инфраструктура.
Годинава, како што истакна премиерот Заев, ќе бидат комплетирани автопатските делници Демир Капија-Смоквица и Миладиновци-Штип, а се планира да започне и изградбата на три експресни патишта.
– Станува збор за долгорочни инфраструктурни проекти – нагласи премиерот Заев, додавајќи дека дел од патиштата ќе бидат завршени годинава.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески посочи дека се надминати сите затечени препреки на автопатот Демир Капија-Смоквица и оти се очекува тој да биде пуштен до крајот на април, а автопатот Миладиновци – Штип да биде завршен до крајот на септември.
Дел од вкупните средства се обезбедени од Буџетот, а дел од заеми од меѓународни институции.