Европскиот парламент го усвои денеска предлогот на Европската комисија, со кој се бара од членките на ЕУ визна либерализација за граѓаните со косовски пасоши.
Еврокомесарот за внатрешни прашања Димитрис Аврамопулос изјави дека е задоволен од фактот оти Европскиот парламент ја препознал важноста на безвезниот режим за Косово.
– Не станува збор само за препознавање на нивните напори, кои се поголеми од обезбедување стабилност и безбедност во регионот. Во прашање е европската перспектива на целиот регион – истакна Аврамопулос.
Тој потсети дека ЕК во јули минатата година потврдила дека Косово ги исполнило сите услови за визна либерализација, вклучувајќи ја и демаркацијата на границата со Црна Гора и јакнење на борбата против организираниот криминал и корупцијата.
– Ќе обезбедиме уште подобра соработка, со тоа што ќе ги приближиме. Не може постојано да се поместува целта – нагласи еврокомесарот, предупредувајќи дека во спротивно постои ризик Косово да го заврти грбот и да почне да се оддалечува од ЕУ.
Известувачот за виозна либерализација во Европскиот парламентр, Тања Фајон изјави дека Косово останало „црна дупка на Западен Балкан“ кога станува збор за визите, повикувајќи ја Унијата веднаш да реагира.
ФОТО: EPA / STEPHANIE LECOCQ