Холандската крајбрежна стража и Управата за вода денеска продолжија со чистење на нафтената дамка кај брегот на островот Тексел во Северното Море.
Нафтената дамка вчера беше забележана на сателитски снимки и во тој момент беше на само неколку десетици километри од брегот, јавија холандските медиуми.
Од тогаш нафтената дамка полека плута кон Ваденските острови, а потеклото на загадувањето с уште не е познато.
Според податоци на крајбрежната стража, станува збор за релативно мала нафтена дамка од околу 4.000 до 17.000 литри, а нафтата во моментов се отстранува со помош на посебна опрема која прво ја собира нафтата по површината, а потоа ја вшмукува.
На овој начин можат да се исчистат само погустите делови од нафтените дамки, додека тенките слоеви на нафтата остануваат видливи на површината на водата.