Косово ќе спроведе попис на населението во 2021 година

64

Косовската Влада и Канцеларијата на Обединетите нации за поддршка на проекти (УНОПС) денеска потпишаа Меморандум за разбирање за попис на населението, домаќинствата и семејните стопанства во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Проектот, како што е соопштено, ќе го спроведе Агенцијата за статистики на Косово (АСК) и се предвидува да започне во 2021 година.

Според Меморандумот, АСК ќе го спроведе проектот во тесна соработка со УНОПС, кој ќе го менаџира фондот што ќе се формира за покривање на трошоците на пописот.

Косовскиот вицепремиер Енвер Хоџај изјави дека овој процес е од капитално значење и бара ангажирање на сите субјекти со цел да се реализира на високо професионално ниво и според меѓународните стандарди.

– Мојата канцеларија во тесна соработка со АСК и УНОПС ќе вложат заеднички напори за обезбедување на потребните средства за успешна и непречена имплементација на проектот, изјави Хоџај.

Последниот попис на населението во Косово е спроведен во 2011 година. Според тогашните конечни резултати, на територијата на Косово, со исклучок на областа во северно Косово населена со мнозинско српско население, односно општините Лепосавиќ, Зубин Поток, Звечан и северниот дел на Митровица, имало 1.739.825 жители.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...