Демократите бараат објавување на целиот текст од извештајот на Малер

64

Американскиот државен обвинител Вилијам Бар, вети дека „во следните недели“ пред јавноста ќе изнесе нови детали од извештајот на истрагата на специјалниот обвинител Роберт Малер за наводното руско мешање во претседателските избори во САД во 2016 година, додека демократите бараат објавување на целиот текст најдоцна до 2 април.

Според демократите, четирите страници од извештајот што Конгресот ги доби во неделата од Министерството за правда, не го оправдуваат американскиот претседател Доналд Трамп, туку „поставуваат нови прашања“.

Претставник на Министерството вчера изјави дека проширена верзија на извештајот на Малер за вмешаноста на Русија во претседателската кампања во 2016 година ќе биде претставена „во текот на следните недели“.

Лидерот на републиканското мнозинство во Сенатот, Мич Меконел синоќа ја блокираше резолуцијата која повикува Министерството за правда да го објави интегралниот текст на извештајот од истрагата на Малер.

Демократите посебно реагираа на изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп дека извештајот на специјалниот обвинител „целосно го ослободува“ од одговорност за вмешаноста на Русија.

– Зборовите на претседателот дека тој е оправдан противречат на заклучоците на Малер, се вели во заедничкото соопштение на лидерот на демократското малцинство во Сенатот, Чак Шумер, и на спикерката на Претставничкиот дом, демократската Ненси Пелоси.

Во соопштението се додава дека резимираниот текст на државниот обвинител Бар „поставува нови прашања“.

– Извештајот на Малер не го оправдува претседателот од толку сериозно обвинение како обид да се оневозможи истрагата и покажува дека е потребно објавување на целиот текст, се вели во изјавата на Шумер и Пелоси.

Трамп изјави дека работата на Малер била „достојна“ и дека не е задоволен што демократите бараат објавување на целиот текст.

– Неговите заклучоци се 100 отсто во согласност со реалноста, истакна Трамп, критикувајќи ги притоа „непријателските активности на медиумите“, кои учествувале во „ловот на вештерки“.

Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс, побара извинување од демократите во Конгресот и од претставниците на либералните медиуми.

– Не треба да се попречува истрагата за злосторство кое никој не го извршил, изјави таа за Си-Ен-Ен.

Сандерс додаде дека како демократите, така и либералните медиуми, треба да му се извинат на претседателот Трамп и на американскиот народ.

– Тие потрошија речиси две години креирајќи никому потребен шум и одвлекувајќи го вниманието од секојдневните проблеми, нагласи Сандерс.

Бар во неделата до Конгресот достави резимиран извештај заснован на истрагата на Малер за тоа дали Трамп и неговата кампања соработувале со Русија за влијание врз претседателските избори во 2016 година, која траеше цели 22 месеца. Притоа, министерот за правда истакна дека потребно е „дополнително време“ за да се одлучи кој дел од извештајот може да биде објавен.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...