Ако сакаме пораст на економијата од 5 до 6 отсто, што е наша цел, треба да реализираме извоз од 65 отсто, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев на панел дебата на форумот „Македонската економија помеѓу визија и дилема: Предизвици на економските политики“ кој го организира Институтот Finance think.
Анѓушев потенцира дека за раст на мала економија како македонската е неопходно креирање извозно ориентирани компании и инвестирање во одржливи, инфраструктурни проекти.
Тоа, како што рече, е содржано и во владините мерки за поттикнување на компаниите инвеститори и малите и средни компании кои се успешни.
Владините мерки за поддршка, како што рече, ќе можат да ги искористат над 7.000 компании, а ефектите од мерките ќе ги мери тим во рамки на МАНУ што ќе треба да ги покаже конкретните резултати.
– По 10 месеци сум уште поубеден дека има надеж за македонската економија. Првата половина од 2017 беше лоша, а втората подобра, но не доволно добра – рече тој.
Вицепремиерот рече дека за вистински развој на економијата е потребно политиката да ги тргне рацете од бизнисот и да остави економските механизми да ги воспостават правилата, да владее правото за секој инвеститор да се чувствува сигурен, а државата да биде стабилна зашто капиталот е плашлив и сака да е заштитен.
Анѓушев се осврна и на просечната плата која во јануари годинава покажа зголемување од 5,6 отсто во однос на јануари 2017. Тоа, како што оцени, е резултат на подигнувањето на лимитот на минималната плата.
Министерот за финансии Драган Тевдовски, кој исто така беше панелист на форумот, оцени дека економскиот раст од 3,2 отсто е остварлив.
-Да, ние сметаме дека 3,2 проценти раст се остварливи во Македонија, ова не е став само на министерството, истата проекција ја имаат и ММФ и Светската банка. 3,2 проценти е нешто што ќе значи дека македонската економија почнува да се движи, иако сметаме дека потенцијалниот раст на Македонија е секако над 4 отсто – рече Тевдовски.
Британскиот амбасадор Чарлс Гарет на отворањето на форумот рече дека јавните финансии се клуч за здрава демократија.
-Граѓаните мора да знаат како и за што се трошат нивните пари, а тоа е многу важно и за бизнисот кој врз основа на конкретни, точни податоци одлучува за своите инвестиции- рече Гарет.