Германските бизнисмени во земјава ја оценија со нула македонската влада, оти е сконцентрирана кон надворешната политика и го изгубила фокусот во економијата. Лоши оценки добија и владините даночни реформи, инвестирањето во образованието, недоволноста од стручен кадар кој им е потребен на компаниите, како и борбата против корупцијата која е поврзана и со тендери кои немаат смисла, но и бавната јавната администрација, честите промени на законите во кои бизнис заедниците не добиваат место за предлози.
Највисоки оценки, германските бизнисмени дале за работната сила која е подготвена да работи и да ја подобри продуктивноста, како и трошоците кои ги имаат за трудот иако се зголемени даноците поврзани со тоа.
Германските бизнисмени ги испорачаа оценките во последната анкета за деловната клима во 2018 и 2019 година спореведена во февруари годинава.
Според германските инвеститори, економската состојба лани во земјава била мошне неповолна. Вкупно 56 отсто од компаниите ја оцениле како лоша, 39 отсто како задоволителна, а за пет отсто била добра.
Сепак, подобри се очекувањата на бизнисмените за актуелнава година. 22 отсто од нив сметаат дека состојбите во стопанството ќе се подобрат, 54 отсто не очекуваат да има поголеми промени, додека високи 24 отсто се песимисти и очекуваат влошување на состојбата.
И покрај ваквите лоши оценки за состојбата, 76 отсто од бизнисмените се изјасниле дека повторно би инвестирале во земјава, оти како што беше речено при денешната презентација на резултатите, земјава има конкурентна цена на работната сила, а измените во Законот за поддршка на инвестициите ќе ја подобрат состојбата.
Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во земјава, појасни дека лошата оценка за Владата дошла како резултат на тоа што лани била свртена кон надворешната политика.
– Владата беше сконцентрирана кон надворешната политика, а фокусот го изгуби во однос на економската политика и тоа резултира со вакви оценки, но се надевам дека новите измени на Законот за поддршка на инвестициите ќе ја промени ваквата перцепција кај бизнисмените – рече тој.
Мартенс, сепак, даде оптимистичка оценка за интересот на германските компании за инвестирање во земјава иако одлуките за тоа траат долго.
– Има нови компании кои најавуваат дека ќе инвестираат, а има и компании кои веќе ги почнаа инвестициите. Најавена е инвестиција на компанија која се занимава со развој на машини и треба да изгради Биро за развој овде. Компании од Северна Америка и од Австрија, исто така, ќе дојдат овде и тоа се главно фирми од автомобилската индустрија. Одлуките, сепак, ги донесуваат компаниите, а тука главен збор ќе има работната сила и правната сигурност – рече Мартенс.
Тој препорача земјава да инвестира во стручен и високостручен кадар и да не ги зголемува сега даноците, оти тоа ќе влијае врз инвеститорите.
– Годишно има по 100 инженери од машинските факултети кои одат на практична работа кај нас, но треба да се регрутираат мехатроничари кои сега компаниите треба да ги обучуваат. Тие се битни за инвеститорите. Се надевам дека за неколку години ќе имаме 400 до 500 инженери – рече тој.
Земјава доби забелешки и за системот „рекла-кажала“ на социјалните мрежи кој неповолно влијае врз работата на компаниите, посебно кога се пуштаат лажни вести за нивно заминување од земјава. Таква оценка доби и информацијата споделена на Фејсбук за наводното заминување на „Дрекселрмајер“ од земјава.
– Тоа се само „рекла-кажала“ муабети. Не верувам дека компанијата која се развива и инвестира во дуалното образование ќе ја напушти земјава – рече Мартенс.
Во земјава работат 201 компанија со германски капитал кои вработуваат 20.000 луѓе.
Трговската размена со Германија лани изнесувала 3,64 милијарди евра.