Новите превозници на стенд бај, Министерството за трaнспорт не го менува законот

Превозниците најавуваат и иницијатива пред Уставен суд за оценка на уставноста на Законот за превоз во патниот сообраќај.

200

Моментално не се планираат измени на Законот за превоз во патниот сообраќај, информираат од Министерството за транспорт и врски, откако превозници од автобускиот превоз од Полошкиот регион обвинија дека одделни негови членови ја нарушуваат конкуренцијата во превозот на патници и спречуваат нови превозници да влезат во бизнисот. Побараа услогласување на законот со европските норми.

– Доколку Министерството за транспорт и врски започне со изготвување на измени на Законот за превоз во патниот сообраќај, предложените измени ќе бидат јавно објавени на нашата веб страна и било која заинтересирана страна ќе има можност да предложи измени во член 21-а како и било кој друг член од наведениот закон со цел подобрување на истиот – велат од Министерството за транспорт.

Превозници бараат промени во членот 21а од актуелниот закон со кој се утврдени интервали на поаѓање на автобусите кои, според нив, се куси и не дозволуваат повеќе превозници да направат возен ред кој ќе биде усогласен со барањата на законот. Тоа, велат тие, не дозволува влез на нови превозници во бизнисот и се нарушува конкуренцијата во меѓуградскиот соообраќај.

Членот 21а од Законот за превоз на патници во сообраќајот утврдува дека при електронското барање за одобрување на возни редови за нови линии, односно за промена на возни редови на одобрени линии, доколку на трасата на линијата за веќе одобрен возен ред, има две заеднички станици, превозникот треба да ги има предвид временските интервали на поаѓање и тоа: за меѓуопштински линиски превоз должина на линијата во километри, минимална временска разлика во минути пред/после 0 – 40 километри, 30 минути од 41 до 80 километри, 50 минути од 81 до 120 километри, 90 минути за 60 и преку 120 километри.

– Компаниите кои сега ги одржуваат линиите со години ги обновуваат без да имаат конкуренција, зашто другите компании немаат можност да направат возен ред кој ќе им овозможи поаѓање на автобусите во рамката предвидена со законот. Тоа ги оневозможува реално да се јават на огласот за распределба на линиите – велат превозниците.

Тие најавуваат и иницијатива пред Уставен суд за оценка на уставноста на Законот за превоз во патниот сообраќај.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...