По повод Меѓународниот ден на театарот во Културно-информативниот центар на Македонија во Софија, утре во 18.30 часот гостува велешкиот театар „Јордан Х. К. Џинот“ со театарската претстава „Синиот портокал“ од Џо Пенхол.
Режисер на претставата е Александар Ивановски, драматург – Kатерина Момева, сценографија- Филип Коруновски, автор на музика- Сашко Костов, со учество на Самоил Стојановски,Фаик Мефаилоски и Жарко Спасовски.
Во време на глобализација кога сакаме да ги надминеме табуата за разликата во бојата на кожата, националност и културните наследства кои ги носиме во себе, оваа драма топло ја брани неправдата која ја нанесуваме некогаш преку негативна, а некогаш преку позитивна дискриминација. Во оригиналната драма централен лик е афроамериканец, кој доаѓа од црнечкото гето и е болен од шизофренија. Оваа драма е уште и за современата психијатрија, со застарени методи на лекување и беспомошноста на докторите да ги лекуваат своите пациенти без седативи. Ликови се Брус, Кристофер и Роберт. Брус е психијатар со помало искуство од Роберт, но многу е приврзан за својот пациент. Иако на двата еминентни психијатри би требало да им биде поважен животот на пациентот, бирократските правила, колегијалните местенки и ривалството во еден момент стануваат поважни од се.