Сојузот на стопански комори (ССК) бара координирана акција за справување со сивата економија која изнесува над 30 отсто од севкупната економија е главниот предизвик за обезбедување стабилен деловен амбиент.
Особено е важно, велат од Комората, да се обезбеди механизам за справување со оние кои работат во неформалната зона со милионски профити, производители, трговците на стоки и услуги кои заработуваат големи суми, не плаќајки ниту денар во буџетот.
– За регистрирани компании ова е погубно, бидејќи тешко се справуваат со притисокот поради тоа што нерегистрираните субјекти имаат поконкурентни производи и услуги, а со кои им преземаат се поголем дел од потрошувачите – велат од ССК .
Вршителите на дејност кои работат без формално регистрирање фирма,додаваат од Комората, се повеќе од 50 отсто поконкурентни на пазарот од регистрираните компании зашто не придонесуваат со обврска за плаќање ДДВ и придонеси по основ на социјално и пензиско осигурување.
– Тековните трошоци им се многу пониски, бидејќи не плаќаат по индустриска тарифа. Со тоа, не само што го оштетуваат буџетот, туку и нудат цени за производи и услуги на пазарот кои се значително пониски, цени кои регистрирана компанија што ги плаќа сите давачки не може да ги постигне поради тоа што повисоките трошоци мора да ги пресмета во крајната цена на чинење, наведува ССК.
ССК ги актуелизира веќе изнесените барања: имплементација на Законот за забрана и спречување на вршење нерегистрирана дејност со што би се регулирало работењето во сивата зона, почнување постапка за трансформација на неформалните активности во формални, поточно доброволна регистрација во прва фаза на контроли за оние кои нерегистрирано работат, а со тоа и нивен влез во системот на обврски, како и во втората фаза, доколку во првата субјектите одбијат да се регистрираат и не престанат да вршат дејност во сива зона, да се применат репресивни мерки со изрекување значителни глоби и кривични санкции, со што би се обиделе институциите да ги спречат нелегалните текови на пари.
Анализите на Светска банка покажуваат дека учеството на компаниите кои се соочуваат со нерегистрираните или неформални вршители на дејност во Македонија е 55, 5 отсто или најмногу во регионот пред Црна Гора со 52,4 процента, Хрватска со 48,2, Албанија со 40,2, Србија со 37,5 и Словенија со 26,5 отсто.