Бахреин, Кувајт и Турција ја осудија одлуката на САД за Голанска Висорамнина

81

Бахреин, Кувајт и Турција ја осудија одлуката на САД да го признае суверенитетот на Израел над Голанска Висорамнина и апелираат за почитување на меѓународното право.

– Министерството за надворешни работи на Бахреин повторно го потврдува својот став дека Голанска Висорамнина е арапска и сириска територија, што Израел ја окупира во јуни 1967 година, како што потврдуваат резолуциите на Советот за безбедност на Обединети нации, се наведува во соопштението од МНР на Бахреин.

Со сличен став е и МНР на Кувајт, кое изрази жалење поради одлуката на САД за спорната територија.

Шефот на турската дипломатија Мевљут Чавушоглу синоќа изјави дека САД „го игнорирале меѓународното право“ со тоа што го признаа израелскиот суверенитет над Голанска Висорамнина

– Одлуката дополнително ќе ги зголеми тензиите во регионот со тоа што ќе ги спречи напорите за постигнување на мир на Блиски Исток, напиша Чавушоглу на Твитер.

Израел ја освои Голанска Висорамнина од Сирија за време на шестдневната војна во 1967 година, а во 1981 година ја анектира областа. Во резолуцијата 497 на Советот на безбедност на Обединети нации, донесена по анексијата, Израел се означува како „окупаторска сила“, а обидите на Тел Авив „да ги наметне своите закони, јурисдикција и администрација на окупираната сириска Голанска Висорамнина е безначаен и без меѓународен правен ефект“.

Шестдневната војна позната и како Арапско-израелска војна се водеше помеѓу Израел од една страна и Египет, Јордан и Сирија од страна. На крајот од војната Израел под своја контрола ги стави Појасот Газа, Синајскиот Полуостров, Западен Брег и Голанска Висорамнина.

Силите на ОН го надгледуваат подрачјето долж линијата за прекин на огнот од 1974 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...