Кина купува 300 авиони „Ербас“

219

Компанијата „Кинески холдинг за авионска опрема“ склучи договор со европскиот авиопроизводител „Ербас“ за купување на 300 авиони, соопшти денеска Елисејската палата.

Со договорот се предвидува набавка на 290 авиони „Ербас А320“ и 10 летала од типот „Ербас А350“.

Договорот го потврди и „Ербас“, нагласувајќи дека авионите се наменети за повеќе кинески авиокомпании.

„Ербас“ во соопштението потенцира дека денес 50 проценти од авионите на кинеските авиокомпании се од нејзино производство, што е драстичен пораст во однос на шесте отсто во 1995 година. Според „Ербас“, 24 проценти од нејзиното производство е наменето за кинескиот пазар.

Договорот е потпишан за време на посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг на Франција. Коментирајќи го договорот, францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека тој претставува „одличен сигнал“ за зајакнување на трговијата меѓу Франција и Кина.

Прелиминарниот договор за набавка на авионите беше постигнат за време на посетата на Макрон на Кина во јануари минатата година и со него се предвидуваше набавка на 184 летала „Ербас А320“ за 13 кинески компании.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...