Обрадовиќ: Упадот во РТС не беше планиран, туку спонтан

58
Photo: EPA / ANDREJ CUKIC

Претседателот на десничарската партија Двери и еден од лидерите на опозицискиот Сојуз за Србија (СзС), Бошко Обрадовиќ во интервју на ТВ Н1 изјави дека упадот на РТС од минатата сабота не бил планиран, туку спонтан и дека тоа е негова идеја.

Тој порача дека останатите лидери на СзС се солидарни со него и покрај тоа што не се „согласуваат со неговите методи, па тој повеќе нема да „солира“, но и нема да прифати со години да шета без резултати.

– Тоа не беше упад, туку посета на нешто што е сопственост на граѓаните на Србија, нешто што го плаќаме… Не сакав да ја прекинам програмата, туку да го овозможам гостувањето на организаторот на протестите, по четири месеци. Не мое гостување, ниту на лидерите на опозицијата… Немаше инциденти. Кој новинар имаше проблем со мене?… Ние се браниме, реагираме на насилството на (Александар) Вучиќ. За слободата понекогаш мора да се борите со мускули, изјави лидерот на Двери, кој додаде дека останатите лидери на СзС се солидарни со него.

Обрадовиќ порача дека и покрај тоа што „упадот не успеал, тој ќе успее следниот пат“, најавувајќи дека ќе мора да се оди и пред зградата на ТВ Пинк, бидејќи таа телевизија има поголемо медиумско влијание од РТС.

– Таа е творец на „ријалити Србија“, 24 часа постојани емитува напади врз противниците на режимот, изјави Обрадовиќ.

Тој, исто така, оцени дека во Србија повеќе нема институции и дека државата не функционира, поради што останати се само методите на вонинституционална борба.

– Кој се уште мисли дека продолжувањето на борбата, е со испраќање писма и молби до Вучиќ, молејќи го уште 77 години, јас не верувам во тоа. Не верувам дека ќе се согласи на било што, освен кога ќе се притисне за ѕид… Токму затоа ги орочивме и фиксиравме барањата и ако власта не ги исполни, цела Србија на 13 април доаѓа во Белград, пред една државна институција, да ги искаже своите барања, најави Обрадовиќ.

Запрашан што ќе се случи ако власта одбие да ги исполни барањата на протестите, Обрадовиќ изјави дека тогаш јавноста ќе види што ќе направи опозицијата.
Тој, сепак, нагласи дека сите видови граѓанска непослушност, штрајкови и блокади се дозволени во борбата против, како што рече, диктаторски режим.

– Дали мислите дека јас и Драган Ѓилас се согласуваме во се? Се разбира, не, но како сериозни луѓе разговараме, изјави Обрадовиќ, кој оцени дека „борбата не е да се смени власта, туку целиот коруптивен систем, за луѓето потоа слободно да можат да гласаат”.

Лидерот на Двери оцени дека власта не сака дијалог и повтори дека СзС не е за бојкот на изборите, туку за фер и слободни избори и дека минимум шест до девет месеци пред изборите е неопходно да се обезбедат слободни медиуми и дебата, меѓу останатото и за избирачките списоци, изборните услови, Републичката изборна комисија и РТС.

Photo: EPA / ANDREJ CUKIC

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...