Превозници од Полошкиот регион бараат измени на Законот за превоз на патници во сообраќајот за да можат да конкурираат за одборување на возен ред и нови линии. Тврдат дека со членот 21а од актуелниот закон со кој се утврдени интервали на поаѓање на автобусите не се дозволува конкуренција во меѓуградскиот соообраќај. Според нив, превозниците кои моментално превезуваат патници во меѓуградскиот сообраќај се во предност и во повластена положба во однос на превозниците кои сакаат да влезат во бизнисот со превоз на патници.
Според нив, со законот се востановуваат куси временските интервали на поаѓање, што ги оневозможува да направат возен ред кој ќе биде вклопен во тие интервали, бидејќи превозниците кои моментално возат, на пример од Гостивар и Тетово за Скопје го пополниле просторот за поаѓање на автобусите на 40 минути.
– Бараме да се измени членот 21 а од законот за да можеме да конкурираме на наредиот оглас за одобрување на возен ред и линии. Веќе контактиравме со одговорните во Министерството за транспорт и врски, но сѐ уште нема никакво поместување во однос на промените на законот – велат превозниците.
Доколку по редовен пат не се промени законот, тие најавуваат дека ќе поведат иницијатива пред Уставниот суд за оценување на уставноста на членот од законот бидејќи со него се нарушува конкуренцијата.
– Компаниите кои сега ги одржуваат линиите со години ги обновуваат без да имаат конкуренција, зашто другите компании немаат можност да направат возен ред кој ќе им овозможи поаѓање на автобусите во рамката предвидена со законот. Во шпицовите наутро и напладне овие превозници дури имаат автобуски превоз на секои пет минути. Што значи за да влезе нов превозник, според она што го налага законот, треба да се откаже некој од превозниците кои сега го реализираат превозот, а тоа не е наше барање – велат тие.
Членот 21а од Законот за превоз на патници во сообраќајот утврдува дека при електронското барање за одобрување на возни редови за нови линии, односно за промена на возни редови на одобрени линии, доколку на трасата на линијата за веќе одобрен возен ред, има две заеднички станици, превозникот треба да ги има предвид временските интервали на поаѓање и тоа: за меѓуопштински линиски превоз должина на линијата во километри, минимална временска разлика во минути пред/после 0 – 40 километри, 30 минути од 41 до 80 километри, 50 минути од 81 до 120 километри, 90 минути за 60 и преку 120 километри.
Од Здружението на превозници во патничкиот сообраќај „Исток“ велат дека не се против промена на членот 21а од Законот за превоз на патници и влез на нови превозници, но тврдат дека истовремено со тоа треба да се стави крај на дивите превозници.
– Да, тоа е барање кое е прифатливо, оти и европските стандарди се такви, но се прашувам кого би возеле новите превозници, ако и сегашните имаат сѐ помал број на патници поради наездата на диви превозници кои ги собираат патниците и не ѝ плаќаат ништо на државата. Со автобус од 50 па и 60 седишта сега се превезуваат по 15 патници, оти другите одат кај дивите превозници – вели претседателот на Здружението Горан Трповски.
Тој им советува на идните превозници прво да направат анализа на исплатливост на новите линии, па потоа да влегуваат во бизнисот, а како можност за влез на пазарот предлага да влезат како сопственици во актуелните акционерски друштва за превоз на патници.
Здружението „Исток“ обединува 80 најголеми компании што се занимават со превоз на патници во Македонија.