Ким Џонг-ун првпат во официјална посета на Кина (ВИДЕО)

143

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун од 25 до 28 март престојуваше во Кина, каде имаше средба со својот кинески колега Си Џинпинг, потврдија Сеул и Пекинг.

Престојот во Кина е прва посета на Ким од преземањето на функцијата во 2011 година.

Ким  и Си имаа „успешни разговори“, јави кинеската новинска агенција Синхуа, дополнувајќи дека посетата на севернокорејскиот лидер се остварила на покана на неговиот кинески колега.

Официјален Сеул потврди дека раководството на Јужна Кореја било информирано за средбата.

Ким потврдил дека е подготвен да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп, откако неколку месеци беа разменуваа закани меѓу Пјонгјанг и Вашингтон поради севернокорејската нуклеарна програма.

Ким соопштил дека е подготвен да се откаже од нуклеарната програма, но со неколку услови.

– Прашањето за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров може да биде решено доколку Јужна Кореја и САД одговорат на нашите напори со добра волја, доколку создадат атмосфера на мир и стабилност додека преземаат прогресивни и синхронизирани мерки за постигнување на мир. Северна Креја е подготвена за дијалог со САД и на средба со американски претсатвници, истакна Ким.

Аналитичарите наведуваат дека средбата со кинескиот колега е подготовка за Самитот со САД и Јужна Кореја во април.

– Нашата постојана позиција е да се ангажираме за целта – Корејскиот Полуостров без нуклеарно оружје, согласно волјата на покојниот претседател Ким Ил-сунг и генералниот секретар Ким Џонг-ил, изјави севернокорејскиот лидер, споменувајќи ги неговиот дедо и татко.

Севернокорејската новинска агенција КЦНА ја оквалификува посетата како „пресвртница“ во подобрувањето на билатералните врски со Кина.

Ким на средбата со Си наведе дека поради „ситуацијата која рапидно се развива“ тој почувствувал дека треба лично да дојде во Пекинг „од другарство и морална одговорност”.

– Немаше никакво сомнение дека мојата прва посета во странство требаше да е кинеската престолнина. Тоа е моја свечена должност. Водев плодни разговори со претседателот Си за развојот на односите меѓу нашите земји и меѓу двете наши партии, за надворешната положба на нашите земји, за поддршката на мирот и стабилноста на Корејскиот Полуостров и други прашања, истакна Ким на приемот во негова чест во Домот на народите во Пекинг, на кој присуствуваа и сопругите на двајцата претседатели.

– Кина ги оценува како значителни напорите кои ги прави Северна Кореја, посочи Си.

За време на посетата, Ким го поканил Си да го посети Пјонгјанг, а кинескиот претседател ја прифатил поканата.

Јапонските медиуми уште во понеделникот информираа за посетата, велејќи дека висок севернокорејски функционер пристигнал со воз во Пекинг, но без да тврдат дека станува збор за Ким Џонг-ун.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...