Во соработка со Факултетот за драмски уметности во Кинотека на Македонија ќе гостува Лордан Зафрановиќ како „Гостин со причина“.
За него, Наум Пановски напиша дека „Лордан Зафрановиќ е денес секако прв меѓу еднаквите од овие балкански простори и без сомнение еден од најзначајните филмски режисери со чии филмови сме растеле и созревале. Неговиот огромен опус, кој трае цели 50 години непомирливо и инспиративно создавање, го оплеменува суптилна естетика, визуелно богатство, беспоштедна критика на сите деструктивни идеологии и општествени злоупотреби, провокативно разбивање на сите табуи што нe ограничуваат, и метафорично поигрување со еросот и танатосот. Бавењето со филм за Лордан Зафрановиќ е пловидба по едно огромно отворено, и често бурно море, каде што тој е во постојана потрага по вистината, слободата и хуманото во човекот. Тој е личност за пример со беспрекорен креативен и човечки интегритет. Токму затоа за мене тој е еден од дваесетте најголеми режисери во светот и еден од последните острови на сеќавање на овие наши простори.“
Зафрановиќ остана трајно запамтен по филмовите „Окупација во 26 слики“, „Падот на Италија“ и добитник е на многу награди. Тој е еден од најзначајните југословенски режисери и заедно со Горан Марковиќ, Горан Паскаљевиќ, Срѓан Карановиќ, Рајко Грлиќ, а подоцна ќе им се придружи и Емир Кустурица, е припадник на таканаречената Прашка школа – движење што ги изнедри можеби најдобрите југословенски филмови.
Првиот филм од циклусот „Гостин со причина“ кој ќе биде прикажан во Конотека на Македонија на 3 април во 19 часот, е токму „Окупација во 26 слики“.
На 4 април ќе бидат прикажани два филма на Зафрановиќ, и тоа „Недела“ во 18 часот и „Падот на Италија“ со почеток во 20 часот.
Последниот ден, на 5 април со почеток во 19.30 часот ќе биде резервиран за „Вечерни ѕвона“.
Пред проекцијата на 5 април филмот, разговор со Лордан Зафрановиќ ќе води проф. д-р Наум Пановски. Во рамките на посетата на Зафрановиќ во Македонија, Факултетот за драмски уметности од Скопје организира средба во нивните простории на 3 април, со почеток во 11 часот.