Првиот голем солистички концерт на поп-пејачот Влатко Лозаноски синоќа ја наполни ВИП Арената „Борис Трајковски“ до последното место.
Уште долго, сите генерации во публиката за оваа вечер ќе зборуваат колку радост, но и солзи од нескриените емоции, им донела.
Одлично расположената публика ги пееше заедно со него во еден глас сите негови хитови. „Ова лето ќе се памти“, „Жена како ти“ „Мандарина“ и уште неколку весели песни ги разиграа фановите, а концертот почна со „Километри“, и „Јако, јако“.
– Не верував дека има надеж, дека некогаш ова ќе ми се исполни. Вие ми докажавте дека има надеж – ѝ се обрати на публиката Лозано.
“Некст тајм“ се придружи на сцената. Уште кога почнаа да ги пејат првите стихови од „Ја излези Ѓурѓо“ публиката ги надвика со пеење. Но, кулминацијата настана кога Лозано им се придружи во вториот дел од песната.
Лозано синоќа со својот перформанс усреќи многу деца, нивните родители, тинејџери, но и повозрасната публика која беше дојдена да го слушне својот миленик.