Пчелите носат заработка за многу македонски семејства

На саемот има 20 изложувачи од сите делови на државата, на штадовите се изложени мед и пчелни производи, а се нуди и пчеларска опрема за потребите на пчеларите.

387

Пчеларството оди во нагорна линија и е важен елемент во сите сфери на современиот човек. Имаме пчелари од сите бранши и од сите старосни структури. Пчеларството станува семеен бизнис. Голем број млади се определуваат да се занимаваат со пчеларство, истакна денеска претседателот на Пчеларската федерација, Јане Марков на отворањето на Пчеларскиот саем на плоштадот „Македонија“ во Скопје.

Посочи дека на саемот има 20 изложувачи од сите делови на државата, на штадовите се изложени мед и пчелни производи, а се нуди и пчеларска опрема за потребите на пчеларите. Единаесет пчеларски здруженија, нагласи, активно членуваат во Пчеларската федерација, а членуваат и поединци пчелари.

– Поради климатските промени медот е со намален принос и имаме недостиг на квалитетен македонски мед. Ова е можност граѓаните да дојдат и да го дегустираат вистинскиот мед – истакна Марков.

Во врска со субвенциите рече дека државата преку програмите одвојува 600 денари по презимено пчелно семејство.

– Органското пчеларење е повеќе дефинирано, со тоа што услов во Правилникот е за оние кои имаат над 35 пчелни семејства да може да аплицираат за субвенции, додека ако имаат повеќе од 50 пчелни семејства, а помалку од сто, тогаш субвенциите се 800 денари – додаде Марков.

Пчеларскиот саем го отвори заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Благе Цветковиќ, кој рече дека според податоците добиени од Агенцијата за храна и ветеринарство, во државата се регистрирани 6.000 одгледувалишта на пчели со над 240.000 пчелни семејства.

– Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство финансиски ги поддржува одгледувачите на пчели. Посочи дека во деловите на органското производство оваа мерка е 50 отсто повеќе. Стратегија на Владата и на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е јасна, ќе го поддржуваме максимално пчеларството – додаде Цветковиќ.

Главен покровител на Пчеларскиот саем е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, домаќин е Град Скопје, а организатор е Пчеларската федерација. Штандовите денеска ќе бидат отворени до 20 часот, а утре од 8 до 19 часот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...