Кинескиот претседател Си Џинпинг синоќа од Рим порача дека амбициозниот проект на Кина, „Еден појаси, еден пат“, познат како „Новиот пат на свилата“, нема да претставува еднонасочна улица.
– Кинеската држава сака двонасочна трговија и двонасочен тек на инвестиции – изјави Си по средбата со неговиот италијански колега Серџо Матарела.
Шефот на италијанската држава, од своја страна, порача дека придонесот на Италија кон „Новиот пат на свилата“ е од решавачко значење, истакнувајќи ја при тоа неопходноста од двострана соработка во духот на лојалната конкуренција и почитување на интелектуалната сопственост и борбата против фалсификуваните стоки“.
За денеска е предвидено потпишување на италијанско-кинески Меморандум на соработка, со што Италија ќе стане прва од земјите членки на Г7 што ќе се приклучува кон проектот на „Новиот пат на свилата“.
Кинескиот проект за „Новиот пат на свилата“ беше тема и на вчерашниот Самит на ЕУ, при што лидерите на Унијата усвоија нова стратегија за односите со Кина во која земјата се идентификува како „партнер“, но и како „ривал и конкурент“.
Европската Унија смета дека односите со Кина се „асиметрични“ и дека во вакви услови не постои можност за градење на стабилно партнерство, бидејќи кинескиот пазар останува премногу затворен и под контрола на државата, што креира длабока неурамнотеженост во трговските односи и нефер услови на конкурентност.
Против кинескиот проект се и САД, а минатата недела претставникот на Белат куќа, Гарет Маркиз оцени дека на Италија нема потреба од приклучување кон оваа иницијатива.
Од Италија, Си ќе отпатува за Монако, а потоа и за Франција. Каде ќе има средби со францускиот претседател Емануел Макрон, германската канцелара Ангела Меркел и со првиот човек на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.