Посетата на музеи придонесува за мир, ментално здравје, благосостојба на човекот

Повеќе извори наведуваат дека честата посета на музеите, придонесува за емоционалната благосостојба, создавајќи чувство на поврзаност, оптимизам и надеж, самодоверба.

145

Посетата на музеј може да им помогне на повозрасните Австралијци во нивното општо ментално и физичко здравје и да ги зближи генерациие.

Кога влегуваме во тивкиот простор на музејот, се одделуваме од вителот на секојдневниот живот. Времето станува нелинеарно и луѓето ги доживуваат предметите и амбиентите кои носат свои сопствени приказни и истории. Музеите се простори на паралелните искуства – посетителите чекор по чекор создаваат смисла и создаваат асоцијации кои се комплексни и непредвидливи.

Ако посетите еден од 2.500 австралиски музеи ќе најдете значаен број на луѓе од повозрасната генерација како разгледуваат низ различните изложени предмети.

Според Австалискиот завод за статистика, овој нагорен тренд на посетители во музеите на возраст меѓу 65 и 74 години се очекува да продолжи да расте.
Без разлика дали постарите посетители одат во музеите сами, со партнер, во група, со внуци или во групи составени од повеќе генерации, истражувањата покажуваат дека тие се посреќни и поздрави од своите врсници кои не се вклучени во културниот живот.

Истражувачите од Универзитетот во Мелбурн, занимавајќи се со искуствата, мотивациите и потребите на повозрасните посетители на музеите, открија дека овие културни простори може да одиграат значајна улога при градењето на општествена и интер-генерациска поврзаност, како и да им помогнат на овие лица во нивното здравје и благосостојба.

Владите во светот препознаваат дека општествената изолација и осаменоста имаат долгорочни негативни последици врз старите лица кои може да придонесат кон појава на депресија, висок крвен притисок и зголемен ризик за појава на кардиоваскуларни болести и деменција.

Истовремено, голем број истражувачи ни предочуваат дека постарите луѓе се посреќни, поздрави и подобро расположени ако се вклучени во општествените активности.

Ваквите истражувања кои се занимаваат со врската меѓу здравјето на луѓето и нивната вклученост во културни настани се релативно нови, но покажуваат дека вклученоста во културните настани и долгиот живот се поврзани. Исто така, посетата на културни манифестации има позитивен импакт врз менталното здравје и благосостојба.
Имајќи го ова на ум, нашиот тим истражувачи спроведе два пилот проекти.

Првиот проект беше поддржан од Иницијативата за истражување на стареењето Холмарк и ги истражуваше искуствата на честите локални посетители во музејот за уметност Иан Потер на Универзитетот во Мелбурн, во музејот за уметност Шепартон и во Музејот Мелбурн.

Вториот пилот проект беше граден врз основа на сознанијата од првиот проект и ги истражуваше мотивациите, потребите и преференците на повозрасните посетители во музејот Мелбурн. Овој проект беше поддржан од Фондот МекКој Сид.

Во склоп на овие пилот програми, изложени беа низа идеи за развојни програми за промоција на музеите на повозрасните посетители, кои се занимаваат со интергенерациски односи, различните улоги на индивидуалните посетители, музеите како општествени простори за комфорт и пријатност, предизвици и инспирација, први впечатоци, импресии на повторните посетители и потенцијалот на повозрасните посетители.

Комфорот и чувството на олеснување се чести теми меѓу повозрасните посетители на музеите. Тие сакаат да уживаат во посетата и да не мислат многу на паркинг, како да го најдат патот до музејот или некоја информација што им е потребна.

Постарите посетители сакаат да имаат време да се испружат на некоја удобна софа, во градина или во природа или во кафуле, зашто, како што посочи една од учесничките во истражувањето „Сите стануваме малку изморени после музеј“.

Но, посетителите, исто така, изразија желба да бидат предизвикани, инспирирани и вклучени. Повеќето од учесниците во проектот, доаѓаат со членови на семејството, со пријатели или со партнери. Посетителите во улога на дедовци и баби рекоа дека доаѓаат во музеј да им помогнат на нивните внуци со неформалното образование и разонода.

Во последно време дедовците и бабите повеќе ги носат внуците во музеј отколку што тоа го прават нивните родители. Податоците покажуваат дека децата што посетиле музеј или ликовна галерија имаат предиспозиција да продолжат да го прават тоа 200 проценти повеќе отколку оние што не оделе на вакви места како деца.

Останатите вклучени во истражувањето, зборуваа за тоа дека придобивките се тоа што дознаваат нешто ново, се поврзуваат со некоја приказна или со предмет, запознаваат слични луѓе на себе, учат, споделуваат искуства, ги гледаат работите во поинакво светло и тоа што гледаат нешто убаво. Посетителите од различни генерации на едно исто семејство се воодушевени што изложбите во музеите ги збогатуваат нивните интеракции.

Музеите се општествени простори кои можат да поврзат многу генерации, каде секој може да најде нешто интересно и релевантно за нив и каде луѓето може да се поврзат на повеќе нивоа во многу улоги.

Повеќе извори наведуваат дека честата посета на музеите, придонесува за емоционалната благосостојба, создавајќи чувство на поврзаност, оптимизам и надеж, самодоверба, поддршка, мир, одмор и засолниште, социјален капитал и врски, значајни потраги. Исто така, одењето во музеј обезбедува безбедна, богата средина со пристап до култура и уметност.

Ако обезбедиме успешни и пријатни посети на музеите, особено за повозрасните генерации, можеме да придонесеме значајно кон тоа да ги обединиме семејствата и да создадеме општествена поврзаност, но и да го подобриме нивното генерално здравје и благосостојба.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...