Њујоршката агенција специјализирана за бизнис-вести Блумберг објави напис за гувернерката Анита Ангеловска Бежоска во кој ги објаснува нејзините планови за макроекономската стабилност, но и предизвиците со кои се соочува како жена во патријархалниот систем.
Четириесет и седумгодишната економистка, која има три деца, се вели во написот, за малку ќе ја одбиела понудата да биде гувернерка.
Ангеловска Бежоска првично била загрижена како ќе постигне рамнотежа меѓу одговорната функција и семејниот живот, но сега успешно раководи со финансиската политика на Северна Македонија, каде што процентот на невработеност е околу 20 отсто, објаснува Блумберг.
Откако економскиот раст на земјата, се вели во написот, бил загрозен од политичката криза што за малку ќе ја втурнела земјата во рецесија пред две години, државата го разрешила долгогодишниот спор за името и го отворила патот кон НАТО и ЕУ.
– Иако до членството во ЕУ ќе минат години, Бежоска веќе размислува како во Северна Македонија да го воведе еврото. Со девизен курс врзан за таа валута, како и со нивоа на долг и инфлација во европски рамки, земјата ги исполнува повеќето формални критериуми – пишува Блумберг за гувернерката и нејзините првични подготовки за европската валута.
Прифаќајќи ја одговорноста за макроекономската стабилност за државата иако „не е лесна задача“, гувернерката во изјава за Блумберг вели дека воведувањето на еврото е логичен краен резултат, имајќи предвид дека земјата веќе има трговски и финансиски врски со ЕУ.
Ангеловска Бежоска претходно работела во Меѓународниот монетарен фонд, каде што била задолжена за балканските и за балтичките земји.
Блумберг истакнува и дека таа е една од само четирите жени на чело на државни финансиски институции во Европа. Останатите три Европјанки што раководат со централните банки во своите држави се во Кипар, Србија и во Русија.
Успехот на Ангеловска Бежоска е исклучок во земја во која сè уште повеќето високи функции им се доделуваат на мажите, вели Блумберг.
Но таа се обидува да го смени ова: на околу 60 отсто од раководните позиции во Народна банка сега се поставени жени, меѓу кои се и двете заменик-гувернерки што Ангеловска Бежоска ги има назначено.