На лекар се добива дијагноза и за неплатени придонеси

Месечно, според податоците на Управата за јавни приходи, која врши контрола на наплатата на придонесите, околу 14.000 газди доцнат со плаќањето на придонесите.

1111

Месечно околу 20 отсто од фирмите не ги подмируваат придонесите за вработените или задоцнето ги плаќаат што, пак, им создава проблем на работниците и нивните семејства, посебно при остварувањето на правото за здравствена заштита.

Работниците се жалат дека за неплатените придонеси најчесто дознаваат кога одат на лекар и се принудени да платат. Од Управата за јавни приходи која ги контролира уплатите на придонеси и даноци, велат дека според закон фирмите прво ги опоменувааат за неплатените придонеси, а потоа нивниот долг присилно го наплаќаат. Министерството за труд и социјална политика, пак, апелира работниците да ги пријавуваат кај инспекторите кога се кршат нивните права.

– На лекар дознав дека газдата не плаќал редовно придонеси. Ми рекоа дека треба да платам за услугата оти немам здравствено. Се прашувам зошто ми се издвојува од платата за овој придонес, ако кога сум болен морам да платам. Да се разбереме, проблемот не е кај лекарите, туку кај нашите газди кои нередовно плаќаат придонеси. Во фирмата прашав зошто немам платен придонес, а одговорот знаете што беше?! Фирмата плаќала наназад за три или четири месеци, бидејќи во одреден период се соочувала со финансиски проблеми – вели револтиран граѓанин.

Според податоците на Управата за јавни приходи која врши контрола на наплатата на придонесите, месечно околу 14.000 газди доцнат со плаќањето на придонесите.

– Податоците за последниот квартал од 2018 година се следни: во октомври 2018 година 14.817 правни лица, вршителите на дејност и вршители на дејност – паушалци, доцнеле со поднесување на платени пресметки за придонеси. Во ноември нивниот број е 12.885, додека во декември лани задоцнето пресметки поднеле 14.579 правни лица вршители на дејност и паушалци – велат од УЈП.

Управата за јавни приходи ваквите несовесни газди прво ги опоменува и им наложува долгот да го подмират веднаш или во рок од седум дена, а потоа врши присилна наплата.

Според Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, придонесите ги пресметува, задржува и уплатува работодавачот за секој вработен за секоја исплата на плата или дел од плата, надоместок на плата, односно друг паричен надоместок и за тоа поднесува електронска пријава до 10-ти во месецот за претходниот месец. Рокот за плаќање на придонесите е 15 од тековниот месец за претходниот месец. По овој рок социјалните придонеси за неисплатени плати, дел од плата или друг паричен надоместок, се пресметува камата во висина од 0,03 отсто од секој ден задоцнување.

Од Министерството за труд и социјална политика, пак, велат дека секогаш реагираат кога ќе дознаат за непочитување на законот и кршењето на правата на работниците.

– Во случај да дознае дека во одредена компанија има непочитување Министерството за труд и социјална политика ја известува трудовата инспекција за да ја проверат состојбата која доколку утврди дека не се почитува Законот во исто време ја задолжува фирмата да ги подмири придонесите во даден рок – велат од Министерството.

Оттаму апелираат работниците сите неправилности поврзани со остварување на работничките права да ги пријавуваат во Државниот инспекторат за труд или на нивниот дежурен телефонски број 151 31.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...