„Демократија“ од Бродски премиерно во Прилепскиот театар

235

Прилепскиот  театар „Војдан Чернодрински“ утревечер од 20 часот премиерно ќе ја изведе  претставата „Демократија“ од Јосиф Бродски во режија на Кирил Петрески, која е последна од минатогодишната програма на театарот, а беше пролонгирана од објективни причини.

Се работи за македонска праизведба на единственото драмско дело на поетот, есеист и публицист Бродски, добитник на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата и на Нобеловата награда за литература од 1987 година.

Претставата е политичка сатира за прекуноќ промена на општественото уредување  на една тоталитарна држава во демократија што, според режисерот Петрески, е блиско на состојбите на овие простори.

-„Демократија“ е единствено драмско дело на Бродски напишано во 1989 година во турбулентно политичко време, распаѓањето на Советскиот Сојуз и паѓањето на Берлинскиот ѕид. Дејството се случува во една мала тоталитарна држава, која поради историските околности треба, преку ноќ, со декрет да воведе демократија. Од искуство знаеме дека транзицијата е идеално време за злоупотреба на демократијата и може одлично да послужи за задоволување на сопствените, главно, материјални интереси на политичката елита. Таа има пристап до изворите за богатење, додека великодушно од нејзината пребогата маса фрла трошки  за народот, рече Петрески.

Актерите Михајло Миленкоски и Марјан Чакмакоски истакнаа дека многу научиле во трите месеци  подготовка на претставата.

– Ја играм улогата на министер за финансии. Во претставата ја играме Владата со еден претседател и четворица министри кои треба да ја решат судбината на целата нација и на државата. Во претставата може да се види дека ние повеќе внимание посветуваме на копанот што го јадеме отколку на реформите кои треба да ги спроведеме во 30 минути. Правиме реформи во пет минути, а знамето и химната во една минута. Но не е добро. Произлегува дека политичарите не се борат за нашето добро, за доброто на граѓаните, туку  за своето добро, како да ја задржат фотелјата и да се погрижат за блиските, рече Миленкоски.

Чакмакоски додаде дека додека работеле на претставата сфатил дека демократијата била од животно значење.

-Секој ден се буидиме со демократија, демократски избори, со демократска влада. Сè било во име на демократијата. Сфатив дека демократија е сè околу нас, демократија е животот. А еден телефонски повик може да промени судбина на еден народ, на нација, на еден театар, на човечка судбина, рече  Чакмакоски.

Покрај нив, во претставата играат и Димитар Ѓорѓиевски,   Ангела Наумоска и Димитрина Мицкоска. Сценограф е Зоран Николовски, костимограф Роза Трајческа-Ристовска, автор на музиката е Марјан Неќак, а драматург Лидија Митоска-Ѓорѓиевска.

Прилепскиот театар годинава ќе работи на четири проекти, а веќе за десетина дена ќе почнат подготовките на два од нив: „Арапска ноќ“ и „Семејни приказни“.  До крајот на годинава  се планирани и премиери на  „Господа Глембаеви“ и на сатиричната комедија „Лажговци“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...