Клиничката болница од Битола секоја година троши средства за објавување соопштенија и реклами. За оваа намена болницата годишно троши по 300.000 денари или, пак, 25.000 денари на месечно ниво. Но, болницата врши јавна здравствена дејност, која, според природата на работата, не бара и не дозволува промоција на работењето.
Ова е само еден пример од тоа како се трошат народните пари во јавното здравство, а кој е наведен во извештајот „Јавните набавки, сива зона во работењето на здравствениот сектор“.
Извештајот што е објавен неодамна се базира на собрани податоци за периодот од 2011 до крај на 2015 година, а го спровело Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.
Податоците откриваат дека ниту една здравствена институција не била целосно транспарентна во обавувањето на податоците. Напротив, голем дел од нив биле целосно нетранспарентни или само делумно објавувале податоци, при што е забележано дека податоци не се објавувале особено за големи набавки.
„Вкупните трошоци за набавка на стоки, услуги и работи во јавниот здравствен сектор направени преку спроведување постапки за јавни набавки со користење податоци објавени во електронскиот систем за јавни набавки не можат да бидат утврдени од причина што само за 30 проценти од постапките се објавени целосни информации“, пишува во Извештајот.
Во перидот од 2011 до 2015 година, за 60 милиони евра се склучени договори за набавки на стоки и услуги, а за истиот период постојат и јавни набавки со проценета вкупна вредност од 213 милиони евра, но за нив не се објавени податоци за склучените договори.
„Институциите од јавниот здравствен сектор објавуваат податоци само за оние постапки чијашто вредност е пониска, а пак за постапките чијашто вредност е повисока и што со себе повлекуваат повисоки трошоци, не објавуваат податоци“, пишува во Извештајот.
Притоа, особено е нагласена состојбата со јавните набавки во Министерството за здравство, каде што всушност не постои ниту еден податок за склучен договор. Но, од друга страна, во анализираниот период се објавени јавни набавки со вкупна проценета вредност од 182 милиони евра. Кој и за колкав износ склучил договор во рамките на овие јавни набавки, не постои информација.
Забележано е и дека во просек, секоја година во периодот од 2011 до 2015 година бројот на постапки за јавни набавки што ги спроведуваат јавните здравствени институции расте за 25 проценти, а најголем пораст на бројот на постапки за јавни набавки имало во 2013 година.
Покрај транспарентноста во објавувањето на податоците, цел на извештајот „Јавните набавки, сива зона во работењето на здравствениот сектор“ била да се идентификуваат и случаите на нерационално и недомаќинско користење на средствата на граѓаните од страна на јавните здравствени институции при изборот и доделувањето договори за јавна набавка.
Општата болница од Струмица секоја година ангажирала надворешна компанија за одржување на хигиена. Иако, површината што е предмет на одржување не се менува низ годините, оваа институција за истата површина и истата услуга секоја година плаќа сè повеќе пари. На пример, во 2013 година платила 11.590 евра, или 25 проценти повеќе во однос на 2012 година. Притоа, вкупниот платен износ за хигиена во болницата и во дворот во 2012 година и во 2013 година бил 103.522 евра, односно месечно во просек се плаќало по 4.313 евра.
Општата болница од Велес во периодот од 2013 до 2015 година спроведувала реновирање на болничката зграда и за таа цел ангажирала надворешна компанија, на која ѝ плаќала во просек по 9.558 евра годишно само за работна рака. Така, трошокот за месечен ангажман на компанијата што ги извршувала молерските, фарбарските и гипсарските услуги изнесувал во просек 797 евра. Материјалите, болницата ги набавува со посебна тендерска постапка.
Здравствениот дом од Крива Паланка за осигурување имот на здравствениот дом во 2013 година платил 55.329 евра или 96 проценти повеќе во однос на 2011 година.
Центарот за јавно здравје од Скопје во 2014 година за миење возила секој работен ден трошел во просек по 1.341 денари. Односно, за цела 2014 година потрошил 354.000 денари за оваа намена.
„Само за илустрација, просечна и највисока цена за миење возила во Скопје изнесува 200 денари. Па доколку овој износ се аплицира врз трошоците на Центарот, може да се забележи дека Центарот секој работен ден миел по седум возила на ден“, пишува во извештајот.
Како пример за критика е наведено и Министерството за здравство, кое месечно за преводи од англиски трошело по речиси 2.000 евра.
Весна Дамчевска
„Слободен печат“