Се изгасија рефлекторите, вниманието на европската и светската политика отиде некаде на друго место, а ние останавме со последиците од решениот спор со јужниот сосед. Да, и решени, а не само нерешени спорови имаат последици. Сега знаеме дека решението на еден проблем отвора нови проблеми. Имено, животот поставува нови прашања а политичарите и граѓаните, деновиве, не се сигурни како да одговорат на нив. На пример, смееме ли, после Преспа, да кажеме „Македонија“? Од едно време кога устите и беа полни со „Македонија“, сега едвај го цедиме зборот низ заби. Стегнати во грч да не згрешат нешто, политичарите но и граѓаните кои не сакаат да и наштетат на државата, никако да се опуштат и да кажат Македонија, име кое ќе се наметне како краткото име за она официјалното од Преспанскиот договор: Република Северна Македонија. Кој вели така? Па, искуството од други држави со подолги официјални имиња, и тоа главно од практични причини. Никој нека не се замислува таков патриот па да тврди дека е првиот што има тешкотии преку јазикот да го протркала зборот Северна. Но никој и да не помислува да го руши кредибилитетот на државата, отфрлајќи го договорот што таа го потпишала. Најмалку сегашниот претседател или неговата истомисленичка во претседателската кампања. Особено затоа што „Северна“ е цената која ни ја наметна нашиот екстремен национализам кој во зборот „Македонија“ ја смести и целата античка грчка историја. Цената ни ја наметнаа оние кои не разбирајќи ги закономерностите на меѓународната политика мислеа и сеуште мислат дека секој народ може да си пишува историја каква што ќе си посака. Тоа, можеби може да го прави народот на Исланд, остров опколен со риби, но во светот, а особено на Балканот, не е така.
Либералните луѓе од двете страни на границата, Македонци и Грци, се најмалку виновни за „Северна“ и за сегашнава ситуација. Тие немаа проблем ниту со името „Македонија“ ниту со нашето словенско потекло. Грчките и македонските националисти беа тие кои го произведоа проблемот и сега се лутат на решението, а виновни им се либералните луѓе затоа што, за доброто на народите, денес го прифаќаат компромисот за кој се залагале од порано за да ги помират двата национализми. Затоа, треба да се повтори и да се запамети дека како реакција на националистичките политики кои ги водеше македонската држава изминатава деценија, го добивме официјално име кое ќе се користи и дома и кон други држави, име кое принудно ќе не потсетува дека има и друга вистина за Македонија. Грчката, на пример. На време да го направевме тоа доброволно, исполнувајќи го терминот Македонија со нашата вистинска, словенска содржина, крајот можеше да биде поинаков. Можеби ниту името немаше да биде проблем. Во анализа не еден мој текст за односите со нивната земја, бугарски научници тврдат дека ако почнавме со решавање на заедничката историја меѓу Македонија и Бугарија на начин на кој пишувам, прашање е дали ќе требаше да се смени името. Но, главата горе: никој не може да ни го одрече правото, во секојдневната комуникација дома, да се нарекуваме, просто: Македонија.
Суштината на договорот од Преспа е обврската да не лажеме повеќе за нашата историја, онака како што правевме во минатото, поставувајќи ги темелите на нашиот идентитет и култура во античка Грција. На крајот од преговорите, и договорот со Бугарија ќе не обврзе на истото: да не лажеме за своето „бугарско“ минато. Но, кога веќе сме се обврзале да не лажеме, тогаш сега слободно треба да ја зборуваме вистината. Зашто, само вистината за Македонија ќе ги ослободи сите заробени умови на Балканот. Како до вистината? Можам да напишам неколку редови од лично искуство. Јас моето право на слободна мисла во потрага по вистината за Македонија го користам со децении наназад и морам да кажам дека е тоа едно огромно задоволство. Задоволство затоа што сега за прв пат точно разбирам што сакаше да ми каже татко ми кога велеше дека слободата се освојува а не се подарува. Јазикот ни го даде неговата генерација, освојувајќи ја така својата слобода. Во последната книга „Јазли“, татко ми, Владо Малески ќе напише: „Јазикот беше моето распетие. Македонскиот. Рацин восхитуваше, но не споможуваше, неговата поезија се напојуваше од народната та му се даде да состави поетски јазик, но за мојата идна проза – проблемска, мисловна, пролетерска, национална, полемичка…требаше да се качам на Олелија, од подножјата па нагоре…до кај што ќе имам сила да стигнам“. Ете, така го добивме јазикот.
Сепак, џабе ви е јазик (македонски или албански), ако немате што да кажете. Но, за да имате што да кажете, морате да ја освоите својата слобода со труд и во потрага по знаење. Од подножјето на Олелија па угоре, до кај што можете да стасате. Во потрага по знаење и вистина во областа на политичката мисла, децении на ред го правам тоа, пишувајќи страници и страници, повремено патувајќи и работејќи во средини во кои живеат други народи. Жалам само што животот е толку краток, „сон на една сенка“, инаку би посакал сето тоа да го повторам. Но, доказ дека можеби сум успеал е дека Албанците дома ја споделуваат мојата вистина за слободата, а либералните Грци и Бугари, преку границите, ја споделуваат мојата вистина за Македонија. Останува уште моите размислувања за слободата и за македонската нација да ги разбере мојот народ: Македонскиот. И да научи да го цени трудот на секој оној кој што се обидел да се качи на Олелија. Вистина, онаа балканската ми вели дека никој не станал оџа во своето село, но јас не се откажувам.
Извор: Инбокс7