Не може трета-среќа за ист договор за Брегзит

Британските пратеници првпат го отфрлија Договорот во јануари годинава, а вторпат минатиот вторник.

396

Британската Влада не може да предложи трето гласање за договорот за Брегзит, без да има промени во него, изјави денеска претседателот на Долниот дом на Парламентот Џон Беркоу.

– Ако Владата сака да претстави нов предлог, кој не е ист, или во основа не е ист, (како веќе отфрлениот) тогаш се е во ред. Владата сепак не може повторно да го поднесе истиот предлог како тој што минатата седмица беше отфрлен со 149 гласа, рече Беркоу.

Британската премиерка Тереза Меј претходно изјави дека наредниве денови ќе се обиде по третпат да ги убеди пратениците во Долниот дом на Парламентот во Вестминстер да го одобрат Договорот за Брегзит, што нејзината Влада го договори со Брисел лани во ноември.

Согласно одлуката што Парламентот ја усвои во четвртокот, доколку пратениците најдоцна до среда го одобрат Договорот, тогаш Меј од ЕУ ќе побара одлагање на Брегзит од 29 март за 30 јуни. Но, доколку пратениците и трет пат го одбијат Договорот, тогаш Меј ќе може да бара подолгорочно одлагање на британското истапување од ЕУ.

Меј ќе бара пратениците да се изјаснат за Договорот пред Самитот на ЕУ, што ќе се одржи в четврток и петок, на кој таа би побарала одлагање на Брегзит.

Британските пратениците првпат го отфрлија Договорот во јануари годинава, а вторпат минатиот вторник. По ова, во средата тие се изјаснија против Брегзит без договор, а во четвртокот ја прифатија Одлуката за одлагање на британското истапување од ЕУ по предвидениот термин 29 март.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...