Луѓе со нож го нападнаа Тарант пред судница ВИДЕО

1636

Австралиецот Брентон Тарант(28), кој вчера изврши терористички напад врз две џамии во новозеландскиот град Крајстчрч и уби 49, а рани 40 муслимански верници, е изведен пред суд. Судењето е затворено за јавност. И покрај тоа огромен број луѓе се собраа пред судницата. Дел од нив извикуваа дека обвинетиот треба да се линчува пред да биде сослушан. Токму кога требаше да биде изведен пред судот едно лице извади нож и се обиде да влезе во судницата.

Тарант пред судијата одби да се изјасни за масовните убиства што ги изврши и ги пренесуваше во живо на социјалните мрежи. Со прстите направи „Ок“ сигнал – симбол кои го користат белите расисти ширум светот. Судот закажа повторно рочиште на 5 април, кога најверојатно ќе биде прочитано и обвинението.

Како што објавија медиумите тој ладнокрвно, со пуштена песна која го величи Радован Караџиќ, во своето возило, полно со оружје, свртел неколку круга пред да го изврши масакрот. Министерот за внатрешни работи на Србија Небојша Стефановиќ изјави дека напаѓачот нема никаква врска со Србија. Тој, сепак, не се изјасни за информациите од Бугарија дека на крајот од минатата година престојувал и во Србија.

Бугарскиот државен обвинител Сотир Цацаров потврди дека Тарант престојувал во Бугарија од 9 до 15 ноември 2018 година. Отворена е истрага за да се утврди дали неговата верзија дека сакал да открие историски места и да ја проучува историјата на балканските земји е исправна, или тој имал други цели.

Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, рече дека масовните егзекуции биле планирани и нема дилема дека се работи за организиран терористички напад. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, упати сочувство до семејствата на жртвите и на Владата на Нов Зеланд и ја повика светската јавност да се обедини против тероризмот , без разлика од каде доаѓа и кој го извршува.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...