По три години, една од највлијателните групи од југословенските простори со убедливо најголем меѓународен успех, се враќа во Скопје, поточно, во МКЦ, на ексклузивен концерт со строго ограничен капацитет и во многу поинтимна атмосфера од било кога досега.
Музиката за новиот албум „Така зборуваше Заратустра“ (Also Sprach Zarathustra), „Лајбах“ ја компонираше за истоимената театарска претстава во режија на Матјаж Бергер. Групата го најави овој албум и со два видеоспота, за нумерите „Das Nachtlied I“ и „Vor Sonnen-Aufgang“.
Од светската критика, овој албум собра исклучителни пофални рецензии оценувајќи го делото како „проект кој е толку многу лајбаховски што е чудо што не го реализирале порано“ (The Wire). Порталот „Cryptic Rock“ го нарекува овој албум сонично ремек-дело, а угледниот австриски „Wiener Zeitung“ едноставно заклучува – „Лајбах се извонредни“.
Скопскиот концерт на „Лајбах“ е во рамки на европската турнеја за „Also Sprach Zarathustra“, на која бендот изведува целосно нова концертна програма, песните од актуелниот албум, но и класиците од својот репертоар во нов аранжман, а кои не ги изведувале со години.
По 35 години кариера, тие сѐ уште важат за најголемиот меѓународно признат бенд од поранешните комунистички земји од Источна и Централна Европа, а и покрај светскиот успех, „Лајбах“ успева да стои настрана од секаква поп-одредница и до ден-денес е верен претставник на музичката авангарда.
Како вистински легенди тие важат за едни од најгенијалните индустријал уметници на сите времиња, кои воведоа нов пристап кон музиката.
Стилот на „Лајбах“ е, пред сѐ, критички уметнички перформанс кој постојано посочува кон уметноста која станува алатка на тоталитаризмот и си поигрува со крајните граници на естетиката на фетишизмот и милитаристичката моќ, а може да ве натера да размислувате, да танцувате и да марширате на истата музика.