Македонската актерка Весна Петрушевска прослави јубилејни 25 години од својата кариера, или како што таа го нарекува, брак со МНТ.
Весна го прослави јубилејот на уникатен начин со стендап-претставата „Влези, не се соблакај“, во која во час и половина низ солзи и смеа ги раскажа подемите и падовите, како и најзначајните моменти од својот живот, детството, младоста, мажачката и инцидентот со автомобилот што ѝ падна во Вардар.
Актерката низ хумор раскажа како го запознала и се венчала со својот поранешен сопруг, но и за врската со помладото момче, со кого откако раскинала, ослабнала 20 килограми. Раскажуваше и за тешките моменти на својот живот и за тоа како никогаш не верувала дека ќе падне во клиничка депресија.
Крајот на претставата беше емотивен, Весна заклучи дека животот е вреден и порача сите да го сакаме затоа што немаме друг. Преполната сала на МНТ ја испрати Весна со голем аплауз, а нејзините две деца, Кирил и Мина, и децата од нејзината актерска школа, ѝ подарија цвеќе.