Туск: ЕУ е загрижена поради акциите на Турција

123

Европската унија е загрижена поради начинот на кој турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган го почитува владеењето на правото во Турција и поради неговите потези во Сирија и источен Медитеран, изјави синоќа претседателот на Европскиот совет Доналд Туск.

– Нашиот денешен состанок покажа дека додека нашите односи минуваат низ тешки времиња, во областите во кои соработуваме, соработуваме добро – рече Туск по самитот ЕУ-Турција во Варна.

Според него, повторно е потврдена подготвеноста на ЕУ да го зачува дијалогот и да работи на надминување на моменталните проблеми со цел „да се развијат потенцијали партнерства“.

Тој наведе дека лидерите на ЕУ не добиле конкретни одговори од Ердоган на долгиот список на сето она што ги загрижува, вклучувајќи ги и операциите во Сирија и апсењeто новинари.

Турскиот претседател, Реџеп Тајип Ердоган, од своја страна, изрази надеж дека тешкиот период во односите меѓу Турција и Европската унија е оставен во минатото.

– Да се надеваме дека тешкиот период во односите Турција-ЕУ го оставивме зад нас – рече Ердоган.

Како што јави агенцијата Анадолија, турскиот претседател истакна дека на Самитот на лидери на Турција и Европската унија во Варна е направен првиот чекор во однос на повторното воспоставување на довербата меѓу Турција и ЕУ.

– Се надевам дека денеска, на ова место, сите ние заедно направивме прв чекор во однос на повторното воспоставување на довербата меѓу нас и ЕУ. Меѓутоа, не е доволно да се каже дека го направивме овој чекор, сега треба да се направи конкретен чекор – рече Ердоган.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...