Официјални претставници од Индија и Пакистан денеска се состанаа со цел намалување на тензиите и разговори за отворање безвизен граничен премин, за да им се овозможи на верниците Сики полесно да одат во храм на територија на Пакистан.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Индија, Равееш Кумар, изјави дека разговорите започнале откако пакистанската делегација преминала на индиска страна. Пакистанската делегација ја предводи портпаролот на Министерството за надворешни работи, Мохамед Фајсал.
Наместо визите, двете земји планираат да им дадат посебни дозволи на верниците за пристап до храмот, Гурдвара Дарбар Сахиб што се наоѓа на граница со Пакистан.
Тензиите меѓу Индија и Пакистан се разгореа минатиот месец по самоубиствениот напад во кој загинаа 40 индиски војници во дел од Кашмир контролиран од Индија. Индиските воздушни сили извршија воздушен напад во Пакистан, велејќи дека тоа е насочено кон милитантите кои ги обвини за бомбашкиот напад. Пакистан се одмазди со соборување два авиона на индиските воздухопловни сили.