И на нива преку автопатот Миладиновци-Штип

Од Министерството веќе најавија дека по завршување на безбедносните проверки и техничкиот прием автопатот и официјално ќе биде пуштен во употреба. Кога тоа ќе се случи, сѐ уште не се знае.

3070

Автопатот Миладиновци-Штип станува опасен пред да биде пуштен во употреба. Возачи од населените места кои гравитираат кон автопатот, ја користат секоја прилика побрзо да стигнат до наредното село или до блискиот град, но и до нивите без да размислуваат за опасноста на која се изложуваат. Ги има и такви кои дури и не го почитуваат правилото да се движат во правилната насока. На социјалните мрежи се споделуваат и видеа каде што се гледа дека се вози и во спротивна насока.

Од шесте клучки, колку што ги има на автопатот, секојдневно се вклучуваат возила и покрај тоа што се поставени земјени и друг вид блокади.

Хаосот кој се случува на автопатот не може да го запрат компаниите кои го вршат надзорот и изведувачот на работите кои ги извршуваат безбедносните проверки и последните работи на делницата. Од полицијата нема информација дека се преземаат мерки за стопирање на ваквото однесување.

Официјално неделава се вршат безбедносни проверки и технички преглед на автопатот, па возилата кои се појавуваат неочекувано на автопатот им прават проблеми и на работниците.

– Конзорциумот кој го врши надзорот на изградбата на автопатот и изведувачот на работите во неколку наврати поставуваа блокади на сите влезови на автопатот, но возачите се упорни и натаму возат на делницата. Со тоа не само што ја попречуваат безбедносната проверка и последните корекции на делницата, туку го загрозуваат својот и животот на вработените кои работат таму – велат од Министерството за транспорт и врски.

Апелираат возачите да го почитуваат законот и да не возат по автопатот додека не биде пуштен во употреба.

Од Министерството веќе најавија дека по завршување на безбедносните проверки и техничкиот прием автопатот и официјално ќе биде пуштен во употреба. Кога тоа ќе се случи, сѐ уште не се знае.

Очевидци велат дека автопатот се користи дури и да се стигне до најблиската нива.

– Наместо да одат пеш и да вртат преку земјени патишта, оваа делница им е побрза и поблиска до нивите – вели очевидец.

Тој се чуди зошто полицијата не реагира на хаосот што го има на автопатот.

Плусинфо го праша и Министерството за внатрешни работи дали имаат регистрирано сообраќајки на овој автопат и како се справуваат со несовесните возачи кои можат да предизвикаат и сообраќајки, но не доби одговор.

Автопатот Миладиновци – Свети Николе – Штип, со должина од 47 километри, се гради веќе пет години, а чини околу 226 милиони евра.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...