Се проширува гасоводната мрежа во Куманово

За пет месеци дваесетина граѓани, пред се, сопственици на куќи склучиле договор со Јавното претпријатие и се приклучиле кон гасоводната мрежа.

165

Јавното претпријатие „Куманово-Гас“ распиша тендер за избор на компанија за ископ и поставување цевки, со што ќе се прошири гасоводната мрежа кон улицата 11 Октомври кон кумановската општа болница.

– Откако ќе се избере фирмата и поминат законските процедури, ќе се склучи договор со потенцијалниот изведувач и ќе почне проширувањето на мрежата кон кумановската општа болница – изјави директорот на претпријатието Никола Денковски.

За пет месеци дваесетина граѓани, пред се, сопственици на куќи склучиле договор со Јавното претпријатие и се приклучиле кон гасоводната мрежа. Наскоро, по завршување на изградба на станбена единица на булеварот Октовмриска револуција се очекуваат дополнителни десет приклучоци.

– Ова е највисок процент на склучени договори со граѓани – изјави Денковски.

Тој потсети дека граѓаните можат да користат и субвенција од општината во висина од 10.000 денари за приклучок кон мрежата.

Во годишната програма на претпријатието за тековната година предвидено е приклучување на два големи потрошувачи кон мрежата, кумановската општа болница и основното училиште „Толи Зордумис“. Меѓу покрупните проекти на претпријатието, за оваа година е предвидено и ширење на дистрибутивната мрежа кон индустриската зона во село Доброшане, каде што функционираат повеќе мали и средни производствени компании.

– Во завршна фаза е проектирањето на останатите урбани единици кои досега не беа опфатени во основниот проект. По подготовката ќе почне ширењето на мрежата во различни реони од градот – најави Денковски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...