На нашето барање да се огласи со сопствените правни аргументи, по најавата дека Владата еднострано ќе го раскине договорот за концесија за рудникот Казандол, инвеститорот, компанијата „Сардич“, се огласи со обемно соопштените до јавноста, кое го објавуваме во целост:
Почитувани,
Владата на Република Македонија, во последниот период од месец дена, а особено на последните одржани седници, спротивно на законската регулатива на Република Македонија и спротивно на Договорот склучен помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Украина за поттикнување и заемна заштита на инвестициите, забрзано презема активности за спроведување на постапка за еднострано раскинување на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина – бакар, злато и сребро на локалитетот „Казандол“ Општина Валандово, Општина Богданци и Општина Дојран број 24-64/9 од 27.02.2015 година склучен со Концесионерот – Друштвото за експлоатација, преработка и производство САРДИЧ МЦ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје,
Концесионерот е компанија со украински инвестиции во Република Македонија, која до сега, по склучувањето на спомнатиот Договорот за концесија, во Република Македонија инвестираше преку 30 милиони евра, директно и индиректно вработи повеќе од 200 работници, а секој од нив издржува најмалку по едно тричлено семејство.
Со целосно почитување и спроведување на сите законски и договорни обврски, Концесионерот експресно го реализираше Проектот Рударски Комплекс Казандол – прв современ рударски комплекс изграден на Балканот по 40 години и во текот на оваа 2018 година планира да започне со производство на финален производ – македонски катоден бакар со чистота 99.99%.
Проектот Рударски Комплекс Казандол, Концесионерот го реализира со целосно почитување и спроведување на законска постапка за оценка на влијанието врз животната средина, во која се предвидени сите условите под кои може да се проектира Рударскиот комплекс, со примена на најдобрите достапни технологии и практики, со цел да се спречат сите можни негативни влијанија. За таа цел, беше спроведена јавна и транспарентна постапка за одобрување на имплементацијата на Проектот, спроведени се јавните расправи и сеопфатната ревизија на Проектот од страна на стручната комисија на Министерството за животната средина, кое потоа го одобри Проектот и ја издаде дозволата за неговата реализација во согласност со законодавството на Република Македонија.
Дополнително, покрај добиено одобрување на Проектот и имплементацијата на сите законски прописи, Концесионерот по сопствена иницијатива организираше независна професионална ревизија на Проектот која ја спроведе финската компанија POYRY, која е една од најкомпетентните во светот за сите прашања поврзани со животната средина.
Концесионерот ги спроведе сите законски постапки согласно позитивната законска регулатива на Република Македонија, од сите надлежни државни иституции на Концесионерот му се издадени сите потребни дозволи и одобренија врз основа на кои го реализираше проектот Рударски комплекс Казандол.
Во севкупното работење на Концесионерот, од надлежните државни институции на Република Македонија никогаш не е утврдена ниту една неправилност, ниту е утврдено дека некоја договорна или законска обврска или норма не е исполнета или прекршена и Концесионерот како општествено совесен субјект никогаш не е ниту опоменуван, ниту пак казнуван.
Нема основа за раскинување на Договорот за концесија
Во изминатиот период, од почетокот на 2017 година па се до денес, против Концесионерот неосновано се води хајка и во јавност речиси секојдневно се шират страшни невистини за проектираната технологија и за предвидените мерки за заштита на животната средина во Рударскиот комплекс Казандол, населението крајно неосновано и незаконски е застрашувано со наводна опасност од смрт од употреба на отрови, прекумерна употреба на експлозиви кои наводно ќе предизвикаат земјотреси, загадувања на воздухот, почвата и подземните води и многу други страшни невистини кои во валандовскиот регион и пошироко создадоа неоснован страв кај локалното население и индигнација спрема оваа странска инвестиција, Рударскиот комплекс Казандол и Концесионерот кој проектира значаен развој на севкупната и локалната економија.
Но, и покрај тоа, од непознати причини за Концесионерот, Владата на Република Македонија, спротивно на нејзините декларирани заложби за привлекување на странски инвестиции и спротивно на нејзината обврска од склучениот Договор со Владата на Украина за поттикнување и заштита на украинските инвестиции во Република Македонија, започна отворено да ги поддржува сите незаконски активности насочени против работењето и дејноста на Концесионерот и јавно да ветува неосновано и незаконско затворање на Рударскиот комплекс Казандол.
Ваквите случувања создадоа чувство на несигурност и вознемиреност кај украинските инвеститори, но и кај деловните партнери и вработените на Концесионерот, бидејќи едностраното раскинување на Договорот за концесија за експлоатација значи безусловен банкрот на Концесионерот, неговите деловни партнери кои се долгорочно ангажирани во проектот Рударски Комплекс Казандол, како и оставање без егзистенција на преку 200 семејства кои директно егзистираат од работењето на Концесионерот.
Концесионерот ја изразува својата загриженост за Ваквиот однос на Владата на Република Македонија, бидејќи уште од денот на склучувањето на Договорот за концесија, Концесионерот ги исполни сите договорни и законски услови и не дозволи настанување на никакви услови за еднострано раскинување на овој Договор.
Имено, во членот 18 од склучениот Договор за концесија и во членот 51 ст.1 од Законот за минералните суровини, детално се предвидени условите поради кои Концедентот – Владата на РМ може да го раскине договорот за концесија за експлоатација, но по ниту еден од законските и договорни услови нема никаков основ за еднострано раскинување на овој Договор.
Доказ дека во целокупното досегашно работење Концесионерот ги има исполнето сите свои договорни и законски обврски се сите извршени инспекциски надзори од сите надлежни државни институции од кои не е утврдена ниту една неправилност во работењето на Концесионерот ниту пак е утврдено дека Концесионерот не исполнил или прекршил некоја договорна или законска обврска или норма.
Во своите најави дека наводно се исполнети условите за еднострано раскинување, Владата неосновано се повикува на условот предвиден во членот 13 ст.1 од склучениот Договор за концесија за експлоатација, кој Концесионерот од своја страна го има во целост исполнето и покрај тоа што тој услов ниту законски, ниту договорно е предвиден како основ по кој Владата на Република Македонија има право да донесе Одлука за едностран раскин.
Имено, во членот 13 ст.1 од склучениот Договор за концесија за експлоатација е предвидено дека: „Концесионерот по добивање на концесијата за експлоатација на локалитетот „Казандол“, општина Валандово, општина Богданци и општина Дојран се условува во рок од две години да изгради постројка за експлоатација на катоден бакар со капацитет да процесира најмалку 50% од експлоатиранитa руда“.
Заради проверка дали е исполнет условот од членот 13 ст.1 од склучениот Договор за концесија за експлоатација, Претседателот на Владата формира работна група и според писмената информацијата од работната група, неспорно се докажува дека Концесионерот го исполнил условот предвиден во членот 13 ст.1 од Договорот за концесија во делот на информацијата под точката 2 за „ПРОЦЕСОТ ЗА ВАДЕЊЕ НА РУДА“ (експлоатација на минералната суровина) каде од извршениот увид на лице место работната група констатира дека, цитираме:
„Рудникот е целосно оформен и извршени се припреми за отпочнување на експлоатационите рударски активности и на лице место од работните етажи 320 и 330 е транспортирана јаловинска маса од цца 180.000 тони која е транспортирана до мобилна дробилка и е правен потребен гранулат за порамнување и исполна на теренот за кој со рударскиот проект е предвиден просторот за депонирање на рудата заради формирање на полињата за оросување. До рудникот се изградени соодветни пристапни патишта. На рудникот се забележа присуство на рударска механизација која врши ископи на руда и јаловина, како и преносот на јаловината до одлагалиштето и превоз на рудата до просторот за лужење.”
Видно од претходно наведената констатација, работната група потврдува дека Концесионерот целосно ја изградил постројката за експлоатација на минерална суровина, зошто во спротивно доколку тоа не би било така, работната група не ќе можела да констатира дека, цитираме: „Рудникот е целосно оформен и извршени се припреми за отпочнување на експлоатационите рударски активности…“ Имено, експлоатационите рударски активности се единствено возможни доколку постројката за експлоатација е целосно изградена, а токму тоа е и условот предвиден во членот 13 ст.1 од Договорот за концесија за експлоатација.
„Влакното“ за кое се фаќа Владата не постои ни во најдобрата рударска пракса, а ни во теоријата
Доколку правно се анализира формулацијата “постројка за експлоатација на катоден бакар“ наведена во одредбата од член 13 став 1 од Договорот за концесија за експлоатација, ќе се констатира дека ниту во овој Договор ниту пак во Законот за минералните суровини ВООПШТО не е дефинирана формулацијата “постројка за експлоатација на катоден бакар“.
Согласно членот 3 став 1 т.13 од Законот за минералните суровини, постројката е дефинирана како „збир на направи или инсталации поврзани во функционална целина, која служи за иста техничка цел“. Експлоатацијата на минералните суровини во членот 3 став 1 т.8 од истиот Закон, е дефинирана како „активност на добивање, односно ослободување на минералните суровини од нивната природна состојба вклучувајќи ги подготвителните, придружните и последователните активности, поврзани со добивањето на минералните суровини“.
Тoа значи дека ниту во Законот за минерални суровини не е дефиниран поимот „постројка за експлоатација на катоден бакар”, туку постои само дефиниција за „постројка“ и за „експлоатација на минерални суровини“.
Во Договорот за концесија за експлоатација, ПРЕДМЕТОТ на Договорот е дефиниран во член 1, па истиот гласи: „Предмет на Договорот е уредување на правата и обврските на Концедентот и Концесионерот на минерална суровина – бакар, злато и сребро на локалитетот Казандол, Општина Валандово, Општина Богданци и Општина Дојран. Со овој Дoговор се уредуваат целта и предметот на концесијата за експлоатација, висината и начинот на плаќање на надоместокот за концесијата…начини и рокови за поднесување сметки и финансиски или други извештаи во врска со извршената експлоатација на минерални суровини…”. Тоа значи дека предмет на Договорот е САМО експлоатација на минерална суровина, а не процес на производство на катоден бакар или некаква невозможна „експлоатација на катоден бакар“.
Од тука недвосмислено произлегува дека согласно Законот за минерални суровини и условот предвиден во членот 13 ст.1 од Договорот за концесија за експлоатација се однесува на изградба на постројка за експлоатација на минерална суровина, односно за ослободување на минералните суровини од нивната природна состојба, вклучувајќи ги подготвителните, придружните и последователните активности, поврзани со добивањето на минералните суровини.
Видно од Законот за минералните суровини, во ниту една негова одредба не е дефиниран ниту пак предвиден поимот постројка за експлоатација на катоден бакар, од причина што ниту во научната теоријата, ниту во најдобрата рударска практика и техника, таква постројка НЕ ПОСТОИ.
Ова значи дека покрај законските услови, НЕ Е ИСПОЛНЕТ НИТУ ЕДЕН ОД ДОГОВОРНИТЕ УСЛОВИ И ПРЕТПОСТАВКИ ЗА ЕДНОСТРАНО РАСКИНУВАЊЕ на Договорот утврдени во член 18 од Договорот. Во член 18 од Договорот за концесија за експлоатација, како причина за еднострано раскинување, ОСОБЕНО НЕ Е НАВЕДЕНО НЕИСПОЛНУВАЊЕ НА ЧЛЕН 13 СТАВ 1 од Договорот.
Дополнителна потврда на горните наводи дека не се исполнети законските и договорните услови и претпоставки за еднострано раскинување на Договорот претставува Записникот за извршен вонреден инспекциски надзор на ден 15.03.2018 година од страна на Државниот инспекторат за техничка инспекција, извршен по барање на Министерството за економија на РМ и по директно задолжение од Владата на Република Македонија дадено на 58-та седница одржана на ден 13.03.2018 година, а со цел утврдување дали се исполнети условите за еднострано раскинување на Договорот од страна на концедентот. Во овој Записник не е констатирана никаква повреда, за Министерството за економија до Владата на Република Македонија достави ПРЕДЛОГ-ОДЛУКА ЗА ЕДНОСТРАН РАСКИН НА ДОГОВОРОТ ЗА КОНЦЕСИЈА ЗА ЕКСПЛОАТАЦИЈА.
Штетите од раскинувањето на Договорот ќе бидат огромни
Доколку Владата на Република Македонија донесе Одлука за еднострано раскинување на Договорот, огромна финансиска штета проценета на износ од повеќе од 20 милиони евра ќе претрпат македонските банки, градежните, индустриските и трговските компании од земјава и странство, затоа што нема да можат да ги наплатат паричните средства за испорачаната опрема, извршената работа и извршеното финансирање, додека пак украинските инвеститори ќе претрпат огромна материјална штета проценета на преку 380 милиони евра, во кој случај тие ќе бидат принудени да започнат меѓународна судска постапка / арбитража за заштита на нивните права.
Штетата која што ќе настане ќе биде уште поголема со оглед дека украинските инвеститори во Концесионерот активно и несебично инвестираат во Република Македонија во подготовка на уште два рудника со близу 400 милиони евра , како и во други бизнис сфери каде што имаат обезбедено и проектирано инвестиции во висина од вкупно 1 милијарда евра, коишто тие ќе ги повлечат доколку Владата еднострано го раскине Договорот за концесија за експлоатација.
Со едностраното раскинување на Договорот, Концесионерот ќе биде оневозможен во Буџетот на Македонија да ги плаќа редовните приходи по разни основи согласно склучениот Договор кои што до сега изнесуваат повеќе од 1,4 милиони евра и кои во иднина драстично ќе растат со отпочнувањето на производството на бакарните катоди.
Истовремено, со едностраниот раскин се прекршува и одредбата од член 7 од Договорот помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Украина за поттикнување и заемна заштита на инвестициите, кое што доведува и до нарушување на билатералните односи на двете држави. Со цел тоа да се спречи, Амбасадата на Украина официјално се обрати до Владата на Република Македонија со барање на прекин на постапката за еднострано раскинување на Договорот за Концесија за експлоатација.
Концесионерот САРДИЧ МЦ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје ја известува јавноста и Владата на Република Македонија дека не постои ниту еден правен основ за еднострано раскинување на Договорот и дека доколку тоа навистина се случи, ќе биде досега невиден преседан, огромно понижување за стручноста на владините експерти и правниот систем во државата, како и катастрофална порака за постоечките и потенцијалните домашни и странски инвеститори.
Со цел за најдобронамерно спречување на настанување на несогледливи штетни последици за било која договорна страна и за граѓаните на Република Македонија, Концесионерот на овој начин се обраќа до својот партнер – Владата на Република Македонија, со барање за прекин на сите активности за еднострано раскинување на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина број 24-64/9 од 27.02.2015 година и за пристапување кон пријателско решавање на било кое прашање кое според Владата на РМ се јавува како спорно.
Скопје, 26.03.2018 година
***
Објавувајќи го јавното обраќање на инвеститорот „Сардич“, Редакцијата на Плусинфо настојува да придонесе Владата да оствари целосен увид во правните и други аргументи на страната со која утре можеби ќе се судри во судска постапка. Уверени сме дека луѓето што имаат одлучувачко влијание за конечната одлука внимателно ќе ги проучат аргументите и дека тоа, како што нагласивме на почетокот, ќе им помогне да донесат одговорна, правно заснована и мудра одлука.