Дигиталното општество реалност, се праќаат милиони е-пораки и се трошат илјадници долари

142

Дигиталното општество станува реалност и трансформацијата е важна и за луѓето и за компанијата. Во една минута се праќаат милиони е-пораки и се трошат илјадници долари, така што реалност е дека компаниите се повеќе работат преку интернет.

Ова го порача директорката на човечки ресурси на А1 групацијата Ева Зетнер на денешната втора годишна конференција „Жената во дигиталната ера“ што се одржува во Скопје во организација на телекомуникациската компанија Вип.

– Корисниците се повеќе се дигитализираат, па ако сакаме да бидеме поблиску до нив, неопходно е да се трансформираме. Постојано мораме да ги прошируваме нашите технички способности и да бидеме иновативни. Дигиталната трансформација е многу важна за луѓето и за компаниите. На пример минатата година за една минута беа испратени 185 милиони е-пораки и, исто така беа потрошени 860 илјади долари, така што реалност е дека компаниите се повеќе работат преку интернет – истакна Зетнер.

Оцени дека со промена на технологијата мора да се менува менталниот склоп и да се менува начинот на обезбедување услуги за своите корисници.

Мислав Галер, извршен директор на Вип, посочи дека тие како дел од А1 групацијата уверени се дека го имаат неопходното знаење и капацитет да создадат дигитални решенија достапни за сите, а кои ќе овозможат непречен влез во дигиталната ера за сите корисници.

Тој потенцира дека за успешноста на целокупниот процес на дигитализацијата е човечкиот фактор и неговата способност за промена и еволуција на менталниот склоп кон дигиталното време во кое живееме.

На конференцијата се обрати и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски кој потенцира дека обезбедувањето соодветна инфраструктура, зголемувањето на капацитетите за развој на технолошки напредни решенија и дигитализација на процесите се само дел од заложбите на Владата во насока на понатамошен развој на дигиталното општество.

– Наш главен приоритет во иднина останува развојот и промоцијата на информатичкото општество, а во тој контекст е и подготовка на национален оперативен план за развој на брзи и супер брзи електронски комуникациски мрежи во Република Северна Македонија со чија реализација се надеваме дека за 10 години од сега, ќе бидеме предводник во регионот – истакна Манчевски.

Во рамки на конференцијата се одржа и панел-дискусија на која своите ставови на темата ги изложија истакнати успешни жени од бизнисот и академската заедница. Организирана беше и презентација на проектите од областа на напредни дигитални технологии подготвени од страна на студентите и академскиот кадар на ФИНКИ.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...