Министерот за животна средина и енергија на Грција, Јоргос Статакис, во присуство на атинскиот градоначалник Јоргос Каминис ја потпиша одлуката за изградба на првиот крематориум во Грција , соопштуваат од општина Атина.
Со министерската одлука се одредуваат просторот и предусловите за изградбата на Центар за кремација на мртвите во Атина, онака како што било предложено од општината, јави дописничката на МИА од Атина.
– Станува збор за многу важна разврска што го отвора патот за изградба на крематориум, кое што не е само наша заложба, туку и обврска на државата кон елементарните права на граѓаните – рече атинскиот градоначалник Јоргос Каминис и додаде дека овие напори започнале уште од 2014.
Пред една година, имаше најави дека во првата половина од 2019 ќе се отвори крематориум и во Солун.