По повеќемесечни интензивни подготовки, продукциската куќа „Скопје Филм Студио“, заедно со режисерот Игор Иванов се подготвени за почеток со снимање на играниот филм “ХОМО“. Режисерот Иванов и продуцентот Томи Салковски најавуваат долгометражен филм за човековата личност соочена со околностите на општеството овде и сега.
Филмот претставува сублимат од шест различни приказни, на шест различни карактери од Скопје, кои етапно се вкрстуваат и низ лавиринтот на распаднатото општество нивните судбини засекогаш се менуваат. Во сите шест приказни провејува нишка на преиспитување на примарните човечки вредности. Сѐ започнува како комедија, продолжува како социјална драма и на крај завршува со карактеристики на документарец кој тежнее да го соочи обичниот човек со степенот на дехуманизација, суровост и алчност во општеството, кое сите ние заедно го градиме и развиваме.
Во реализацијата на овој најнов македонски долгометражен филм е вклучена меѓународна екипа која брои над 120 членови – автори и филмски професионалци. Листата на актери која брои над 70, ја предводат Наташа Петровиќ, Игор Ангелов, Оливер Митковски, Мајлинда Косумовиќ, Јелена Јованова, Сашко Коцев, Сергеј Димовски, Јоана Буковска, Себастијан Кавца, Александар Матовски, Јордан Симонов, Мони Дамевски, Мартин Манев и Славиша Кајевски.
Снимањето, кое официјално започнува денеска е планирано да се реализира во временски период од 5 недели, на повеќе од 20 локации во Скопје.
„ХОМО“ претставува копродукција помеѓу: „Скопје Филм Студио“ од Северна Македонија (Продуцент: Томи Салковски); „Гала Филм“ од Бугарија (Продуцент: Галина Тонева); „Арт енд попкорн“ од Србија (Продуцент: Мирослав Могоровиќ); „Иридиум Филм“ од Совенија (Продуцент: Бојан Станковиќ) и „Триггер“ од Косово (Продуцент: Лумбард Кукај).
Покрај најголемиот дел финансиски средства добиени врз основа на проект од национален интерес од филмска дејност од Агенција за Филм, филмскиот проект „ХОМО“ поддршка доби од Национален филмски центар на Бугарија, Филмски центар на Србија, Косовски центар за кинематографија и од Словенечки филмски центар.