Германија се приклучи на притисоците на САД и ЕУ кон Приштина за укинување на 100 отсто зголемените царини наметнати за Србија и БиХ, објави Коха, по разговорите на клучните официјални претставници на германската канцеларка Ангела Меркел со политичките и институционалните претставници на Косово.
Според нивни извори, весникот пишува дека германските официјални претставници ги потврдиле ставовите на Берлин на вчерашната средба со Хашим Тачи и Рамуш Харадинај дека наметнатите царини го попречуваат продолжувањето на дијалогот, барајќи од владата во Приштина да ги укине.
Германските советници на Меркел – Јан Хекер и Матијас Литенберг вчера се состанаа во Приштина со Тачи, Харадинај и со заменик-премиерот Енвер Хоџај, а прашањето за суспендирање на наметнатите давачки беше главната тема на разговорите, пишува весникот.
Соговорникот на Коха, кој побарал анонимност, рекол дека ставот на Германија во врска со постигнување сеопфатен договор меѓу Белград и Приштина е непроменет – Берлин, велат тие е против промената на границите на Косово.
На посетата на германските претставници во Приштина му претходеше посета на високиот претставник на САД, Дејвид Хојл, кој исто така инсистираше на укинување на таксите за стоки од Србија и БиХ.