Тргна втората фаза од проектот за наводнување на јужната долина на Вардар

146

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и претставникот на компанијата изведувач на проектот „Штрабаг“, Златан Ѓурѓиќ денеска во Валандово го потпишаа договорот за градежните работи за проектот за наводнување на јужната долина на реката Вардар од втора фаза.

На настанот присуствуваа и премиерот Зоран Заев и вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев.

– Проектот за наводнување на јужната долина на реката Вардар втора фаза е од витално значење за валандовскиот регион. Во моментов сегашниот систем обезбедува наводнување на околу 1.600 хектари, но поради неговата дотраеност, земјоделците трпат загуби во своето земјоделско производството. Најважно за земјоделците од реализацијата на овој проект, е дека со новиот систем се очекува драстично намалување на трошоците за вода. Со сегашната изградба на втората фаза ќе се обезбеди навремено и квалитетно наводнување на над 2.000 хектари земјоделска површина. Овој проект е вреден над 24,3 милиони евра. Станува збор за вредна инвестиција со која го подигнуваме земјоделство и го правиме конкурентно – нагласи  Заев.

Вицепремиерот Анѓушев, потенцираше дека реализацијата на овој проект ќе има гарантира на земјоделците од валандовскиот регион квалитетно и предвидливо земјоделско производство.

– Со овој проект придонесуваме еден од најбогатите региони за земјоделски производи да добие квалитетно наводнување и предвидливост во земјоделското производство. Ќе се зафаќа вода од Удово од реката Вардар, понатаму со главен цевковод од 8,9 километри ќе се носи до препумпни станици и ќе има дистрибутивна мрежа од 85 километри. Сето тоа гарантира дека во иднина сите луѓе и граѓани кои планираат да се занимаваат со земјоделство, а ние се обидуваме да ги охрабриме да бидат во поголем број, ќе имаат еден систем кој што ќе им гарантира дека навремено ќе добијат вода која што е суштински важна сите земјоделски производи а посебно за раноградинарските култури кои што се исклучително запазени во овој регион, каде што овој систем за наводнување ќе биде инсталира – рече тој.

Министерот Николовски, пак, посочи дека реализацијата е предвидено да трае 21 месеци, но оти се очекува да заврши и порано со оглед на тоа дека сите услови за инвестицијата се исполнети. Дополнително потенцираше дека со германската развојна банка „ KfW“, веќе течат преговорите за нова поддршка за спроведување на трета фаза од проектот за јужно-вардарска долина, со кој ќе се наводнуваат дополнителни 1.700 хектари.

-Денешното потпишување на договорот со изведувачот на овој важен проект, дава силен придонес на нашата политика за модерно и конкурентно земјоделство. Без рехабилитација на системите за наводнување и без проширување на постоечката водоводна мрежа не можеме да зборуваме за модерно и конкурентно земјоделство. Овој проект се состои од главна и секундарна мрежа во вкупна должина од 85 километри, односно замена на главниот отворен канал во затворен гравитациски канал на пумпната станица Удово и пумпната станицата Страиште во должина од околу 9 километри и дополнителна секундарна терцијална и дистрибутивна мрежа – изјави Николовски.

Освен договорот со изведувачот на градежните работи денеска на настанот министерот Николовски ги потпиша и договорите за надзор на проектот со Градежниот институт Македонија и договорот за консултантски услуги со компанијата AHT Group AG.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...