Анѓушев: Се намалува невработеноста, се зголемуваат платите

Притисокот на растот на платите ќе продолжи, имаме 18 фабрики во разни фази на градба само во технолошко-индустриските развојни зони, триесетина нови погони на домашни компании, а голем број на индустриски капацитети најавија проширување на своето производство, нагласи вицепремиерот.

215

Економијата во Република Северна Македонија бележи контиуниран раст, раздвижени се активностите во сите сектори, што резултира со значително намалување на невработеноста и зголемен притисок на пазарот на труд за покачување на просечните плати, истакна вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата на која се презентираше моделот за поддршка за изградба на нови фотонапонски електрани на државно и приватно земјиште.

Анѓушев потсети дека Владата ја презема економијата со негативна стапка на раст од -1,7 отсто, но, како што потенцираше, од тогаш стапките на раст имаат контиуниран позитивен тренд.

– Градежништвото е сериозно раздвижено, и кога станува збор за патиштата, за железницата, гасоводот, но и кај приватните инвеститори, во делот на индустриски и резиденцијални објекти. Индустријата е серизно раздвижена, во јануари 2019 година бележиме раст на индустриското производство од над 12 отсто, а во земјоделството бележиме пораст на насадени површини, очекуваме позитивни бројки кога станува збор за раст на Бруто домашниот производ во 2019 година – нагласи вицепремиерот.

Во однос на намалувањето на невработеноста и зголемувањето на платите, вицепремиерот подвлече дека очекува дополнително намалување на стапката на невработеност, како и раст на платите, како резултат на отворање на нови работни места, пред се, во приватниот сектор.

– Само минатата година се отворија 26.600 нови работни места, неспоредливо поголем дел во приватниот сектор. Притисокот на растот на платите ќе продолжи, имаме 18 фабрики во разни фази на градба само во технолошко-индустриските развојни зони, триесетина нови погони на домашни компании, а голем број на индустриски капацитети најавија проширување на своето производство – нагласи Анѓушев.

Тој дополни дека проектите во градежниот сектор ќе бараат дополнителен ангажман на градежни работници.

– Само за патишта имаме проекти од над милијарда евра и дополнително се очекува почеток на градба на втората фаза од железницата кон Бугарија. Сите овие процеси ни даваат за право да очекуваме очекуваме процентот на невработеност кој во моментов достигна рекордно ниско ниво од 19,4отсто и е намален за околу 3,5 отсто за само една година, да продолжи да опаѓа, а да продолжи позитивниот тренд на раст на платите – рече вицепремиерот Анѓушев.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...